ДЕКЛАРАЦИЈАТА НА АСНОМ ОД 1944 Е ОНА ШТО Е ЕВРОПА ДЕНЕС, КАЖА ЗАЕВ ВО ПЕЛИНЦЕ

    ДЕКЛАРАЦИЈАТА НА АСНОМ ОД 1944 Е ОНА ШТО Е ЕВРОПА ДЕНЕС, КАЖА ЗАЕВ ВО ПЕЛИНЦЕВо НАТО сме, остана уште ЕУ, рече Заев во Пелинце. (Фото: К. Попов)

    Илинден 1903 не се мери по времетраење, рече премиерот Зоран Заев од Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.

    „Нема мерка која може да ја измери големата идеја на стотици и илјадници Македонци и други народи на овој простор за сопствена држава”, кажа тој.

    Вторпат Илинден блесна во манастирот Свети Прохор Пчињски, по победата врз фашизмот, продолжи тој.

    „Партизаните и народот ја заокружија државноста. Се роди Македонската Федерална држава со помош на истите денешни наши сојузници: САД и Велика Британија”, рече Заев неизбежно повторувајќи ги Декларацијата и Манифестот на АСНОМ, со кои се гарантираат сите основни човекови слободи и права, од правото на слободно изразување на секој човек, до правото на слободно изразување и гласање, кои биле темелот на современата македонска држава која почнува да ги практикува од 1991 година.

    „Илинден е постојан процес кодиран во Македонците, Албанците, Турците, Србите, Бошњаците, Власите…“, рече во тој контекст Заев.

    Третиот Илинден, рече тој, ќе слави 30 години на 8 Септември оваа година. Три децении од независна и самостојна Република Северна Македонија. Заев потсети и на друг јубилеј, 2 децении од Рамковниот договор.

    Во НАТО сме, остана уште ЕУ, рече тој.

    „Буквално со ништо не сме му наштетиле на некој сосед. Ние сме секогаш на сончевата страна на мирољубивото решавање на сите недоразбирања и конфликти. Градиме нов, модерен Балкан. Убеден сум дека Република Бугарија ни е пријател. Бргу граѓаните ќе видат дека таа нема да биде пречка на патот кон ЕУ. Има и од двете страни паметни и разумни луѓе, кои ќе помогнат да се надминат разликите меѓу нас”, кажа Заев.

    Манифестот на нашето време пак, е грижата едни кон други, заврши тој.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира