„Бараме материјалот за државна матура да биде скратен, со оглед на тоа што го поминавме низ овие 4 години. Поминавме низ онлајн настава, низ дојави за бомби, низ штрајкови на професори кои ги поддржавме, низ штрајкови на вработените на ЈСП кои го отежнаа доаѓањето на учениците“, рече Анисија Угриновска од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС) на денешниот предупредувачки протест пред Министерството за образование и наука (МОН). Угриновска додаде дека сите овие фактори ќе влијаат на полагањето, дека тие се најоштетна генерација и немале цела непрекината учебна година.
Угриновска кажа дека денеска се повикани на средба кај министерот за образование Јетон Шаќири и дека до Собранието и до Владата испратиле барање за олеснување на полагањето државна матура или да се скрати обемот на материјалот или да се намали бројот на интерни испити.
„Најавено е дека ќе има скратен материјал, но немаме добиено увид во материјалот“, рече Угриновска.
Претходно, од Сојузот на средношколци соопштија дека евентуалното укинување на еден интерен испит од државната матура е спротивно на интересите на матурантите, особено на оние кои планираат своето образование да го продолжат во странство.
Од Сојузот рекоа дека денеска ќе одржат вонредна седница на Генералното собрание на кое ќе бидат донесени неколку конкретни барања кои, како што велат, истовремено ќе се во интерес на сите средношколци и ќе го приспособат и олеснат полагањето на државната матура.
Денешниот протест го поддржаа и студенти, бидејќи, како што кажа нивната претставничка Теодора Наумовска, стипендиите им доцнеле 6 месеци, а субвенциите за оброци по месец дена. Тие бараат наместо 140 денари, субвенцијата за оброк да се зголеми на 160 денари.
Министерот Шаќири на 14 март кажа дека на средбата со Државниот испитен центар (ДИЦ), планирана за наредната недела, треба да се разгледаат законските регулативи, односно што дозволува Законот да се менува во овој момент по однос на барањето на матурантите, со оглед на тоа што испитите од државната матура се веќе закажани.
Матурантите ќе полагаат државна матура на 27 мај и 10 јуни. На 27 мај ќе се полагаат македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература, а на 10 јуни математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика.
Б. НЕСТОРОСКА