ДЕЛ СЕ ПРЕМОРЕНИ, ДЕЛ СИ ИМААТ ДРУГИ ПРИЧИНИ, КАЖА ФИЛИПЧЕ ЗА ИНФЕКТОЛОЗИТЕ И СЕСТРИТЕ КОИ ЗАМИНУВААТ ВО ПРИВАТНИ БОЛНИЦИ

    ДЕЛ СЕ ПРЕМОРЕНИ, ДЕЛ СИ ИМААТ ДРУГИ ПРИЧИНИ, КАЖА ФИЛИПЧЕ ЗА ИНФЕКТОЛОЗИТЕ И СЕСТРИТЕ КОИ ЗАМИНУВААТ ВО ПРИВАТНИ БОЛНИЦИДокторка инфектолог веќе дала отказ на Клиниката за инфективни болести и планира да замине да работи во приватна болница. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Венко Филипче потврди дека една докторка од Клиниката за инфективни болести си дала отказ и планира да замине во приватна болница, како и дека шефицата на Инфективното одделение во болницата „8 Септември“ Патриција Каламарис најавила дека си заминува.

    „Досега имам информации дека една докторка инфектолог веќе дала отказ на Клиниката за инфективни болести и планира да замине да работи во приватна болница. А исто така и докторка која раководеше со Инфективно одделение во болницата ‘8 Септември’, најави, не знам дали е формализирано, дека ќе си замине. Јас разговарав со неа, но таа е решена да замине. Таму има други двајца инфектолози и размислуваме и веќе разговаравме за начинот на кој ќе се зајакне тоа одделение. Засега заедно со интернистите, имајќи го предвид овој број на пациенти кој што е хоспитализиран таму и нашиот план да засега не се зголемува тој број, овие доктори се сосема доволни. Но, спремни сме да интервенираме со системот на ротација доколку е потребно било кое одделение да се поддржи“, изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на одбележувањето на Европскиот ден на органодарителство во Градски парк во Скопје.

    Со трите медицински сестри од Инфективната клиника, кои на крајот на минатиот месец побараа отказно решение и користење на заостанатите денови од одмор, тој тогаш се сретна со нив во неговиот кабинет и кажа дека разговарале да размислат околу одлуката и по одморот кој го побарале повторно да се сретнат и да разговараат, со надеж дека ќе ја сменат одлуката и ќе останат на Инфективната клиника. Но, тие не се премислиле.

    „На нашиот иницијален состанок тврдеа дека нема да заминат во приватна институција. Потоа искомунициравме уште еднаш и кажаа дека сепак планираат да ја напуштат клиниката и поради тоа менаџментот на клиниката одлучи други медицински сестри да ги преземат нивните функции“, рече Филипче.

    Прашан за причините за заминувањето на медицинскиот кадар од јавните здравствени установи, Филипче рече:

    „Тешко е да се каже. Разговаравме, дел од нив се преморени, дел од нив имаат некои други причини“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира