Државната комисија за спречување на корупцијата денеска прочита десетици доскорешни пратеници кои не се во овој собраниски состав, кои по завршување на мандатот не поднеле анкетен лист за имотната состојба. Истовремено, тие не поднеле ни изјави за судир на интереси.
Овие поранешни пратеници веројатно со пресметан „ризик“ дека во ДКСК ќе застане работата ако скријат имот и никој нема да им го пипка во недвижнините и сметките понатаму, си платиле казни од 500 евра за неподнесувањето на анкетните листови, знаејќи дека Антикорупциската комисија ќе го констатира тоа и ќе им ги затвори случаите.
На денешната седница, антикорупционерите реферираа за многу вакви случаи на криење на стекнат имот на функција. Покрај експратеници, имаше многу примери и за криење имот од други бивши носители на јавни функции, членови на управни одбори и други.
Одлуките за сите случаи беа едногласни: Се затвора случајот откако пријавените платиле дел од платните налози од ДКСК.
Во Обвинителството велат дека не треба тука да застанат овие случаи на непочитување на законот. Треба да постапат органите на откривање: Финансовата полиција првенствено, но и МВР, а ако не сакаат да постапат тие и се незаинтересирани како досега, може обвинителството да истражува по допрен глас.
Иако цел ден јавноста очекуваше изјаснување на ДКСК за фалц-уверението за ТОЕФЛ, за положен англиски јазик на новиот директор на АНБ Бојан Христовски, Комисијата не го спомна тој случај.
ДКСК денеска покрена постапка до ОЈО Скопје против екминистерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, за злоупотреба на буџетски пари во приватни цели.
Според увидот во документацијата, министерката за култура во 2023 година остварила билатерална посета со трошоци од 1.300 британски фунти. ДКСК вели дека 528 фунти биле исплатени со службена картичка на Министерството за култура, од кои 485 фунти се трошоци кои, како што сметаат, не може да се квалификуваат како трошоци за службени цели.
Костадиновска-Стојчевска веќе се изјасни дека дел од трошоците што биле презентирани во јавноста се однесуваат на потребата да обезбеди основни услови за нормално функционирање на службеното патување на кое авиокомпанијата ѝ го изгубила багажот, за што има докази.
Пред десетина дена Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против поранешната министерка за култура, зашто наводно овозможила изведувачот на Универзална Сала противправно да се стекне со 27 милиони денари.
С. К. ДЕЛЕВСКА