ДЕСПОТОВСКИ И 7 ЧЛЕНОВИ НА БИРОТО ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ И НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ, ОСОМНИЧЕНИ ДЕКА Ѝ ОВОЗМОЖИЛЕ НА ФИРМА НЕЗАКОНСКИ ПРОФИТ ОД НАД 10 МИЛИОНИ ЕВРА

    ДЕСПОТОВСКИ И 7 ЧЛЕНОВИ НА БИРОТО ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ И НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ, ОСОМНИЧЕНИ ДЕКА Ѝ ОВОЗМОЖИЛЕ НА ФИРМА НЕЗАКОНСКИ ПРОФИТ ОД НАД 10 МИЛИОНИ ЕВРАЌе се конфискува незаконски стекнатиот имот, а на фирмата која се стекнала со милионските суми пари од ТИРЗ, како и на сопственикот, им се замрзнати сите сметки, недвижен имот и градежни возила. (Фото:СДК.МК)

    Скопското обвинителство и Финансиската полиција нашле докази против поранешниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски и уште 7 лица: три од Бирото за јавни набавки и уште 4 лица од Државната комисија за жалби по јавни набавки дека од јануари до јули 2022 година, со незаконски тендер и неколку анекси на договорот за јавната набавка, на фирма, ѝ овозможиле таа да стекне незаконска имотна корист од 622.981.190 денари.

    Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувањата.

    „Во текот на предистражната постапка која Управата за финансиска полиција ја водеше во координација и под раководство надлежниот јавен обвинител, се обезбедија докази дека во временскиот период 26.01-12.07.2022 година, првиот осомничен како службено лице – директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони во Скопје, заедно со три службени лица задолжени за спроведување на управната контрола при Бирото за јавни набавки и уште четири лица од Државната комисија за жалби по јавни набавки, со неизвршување на нивната службена положба, му овозможиле на едно правно лице да прибави противправна имотна корист која надминува значителна вредност од 622.981.190 денари“, потенцира Обвинителството дека со неизвршување на законските задолженија, овие 8 лица ѝ го овозможиле незаконскиот профит на фирмата.

    Деспотовски по претходно донесена одлука објавил оглас за јавна набавка за изградба на основна внатрешна инфраструктура за ТИРЗ Штип и ТИРЗ Струмица. На објавениот оглас во предвидениот законски рок се јавиле два заинтересирани економски оператора кои доставиле понуди со предвидените критериуми. Една од компаниите понудила повисока цена, но драстично пократок рок на изведба на работите во календарски денови, врз основа на што таа била избрана за изведувач.

    „Трите лица од Бирото за јавни набавки – Комисија за вршење управна контрола, не извршиле контрола на исполнетоста на условите од тендерската документација по однос на техничката и професионална способност за изведување на предвидените работи, како и по однос на рокот на изведба на работите како критериум за квалитет. Тие не ги увиделе неправилностите и до Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Скопје, доставиле записник од извршена управна контрола со дадено мислење дека договорниот орган може да продолжи со постапката за јавна набавка“, вели Обвинителството.

    Исто и Деспотовски во демантот дека е уапсен, пред неколку дена кажа дека Бирото не увидело неправилности.

    Вториот учесник во постапката (одбиената фирма), поднел жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки, но таму претседателот и три члена го игнорирале доставениот стручен наод и мислење од вешто лице од областа на градежништвот,о кој бил основа за жалбените наводи, па донеле решение со кое жалбата на другиот економски оператор ја одбиле поради неоснованост.

    „На тој начин Дирекцијата склучила договор со избраната фирма за изградба на основна внатрешна инфраструктура за ТИРЗ Штип и ТИРЗ Струмица со рок на изведба од 120 календарски дена од моментот на воведување во работа. Два месеца по почетокот на работите, тогашниот директор Деспотовски потпишал анекс-договор со кој ја зголемил вредноста на основниот договор за 84.688.628 денари или за 19,77% од основниот договор и дополнително го продолжил првичниот рок за изведба на работите. По три месеци тој потпишал и втор анекс-договор со кој ја зголемил вредноста на основниот договор за дополнителни 34.921.240 денари и третпат го продолжил рокот за изведба на работите“, кажува ОЈО Скопје како одеднаш станал неважен рокот за изведбата на работите, а кој бил клучен за победа во огласот за јавната набавка.

    Кога фирмата не го испочитувала дадениот рок од 120 календарски дена за изведба, кој бил најважен услов за добивање на зделката, осомничениот Деспотовски не презел службени дејствија во насока на раскинување на Договорот за јавна набавка, активирање на доставените банкарски гаранции и наплата на договорна казна преку пенали за доцнењето при изведбата.

    Со неизвршување на нивната службена должност, осомничените придонеле фирмата добавувач да го добие тендерот врз основа на нереално низок понуден рок за изведба кој таа не успеала да го реализира, а со значително повисока цена од нејзиниот конкурент, па на тој начин тие за правното лице прибавиле противправна имотна корист.

    Имајќи ги предвид известувањата од финансиските институции за моменталната финансиската состојба според кои правното лице застапувано од неговиот управител е краен корисник на противправната имотна корист прибавена со стореното кривично дело, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил барање за привремено одземање на имот и предмети заради нивно обезбедување со цел идна конфискација.

    Со мерката, ОЈО Скопје предлага замрзнување – хипотека на недвижен имот во Карпош и Кисела Вода, забрана за располагање со средства од четири трансакциски сметки (три на физичко и една на правно лице), како и забрана за располагање со список подвижен имот во сопственост на правното лице (две патнички, осум товарни возила, кипери и градежна опрема).

    Освен ова, по предлог на јавниот обвинител, Судот му го одзеде пасошот на осомничениот Деспотовски, кој во моментот на сторување на делото ја извршувал функцијата директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Скопје.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира