ДЕСЕТИЦИ МЕДИУМИ ДОБИЈА ОПОМЕНИ ЗА ТУЖБИ ЗА ПРЕКРШУВАЊЕ АВТОРСКИ ПРАВА ЗА ФОТОГРАФИИ

    ДЕСЕТИЦИ МЕДИУМИ ДОБИЈА ОПОМЕНИ ЗА ТУЖБИ ЗА ПРЕКРШУВАЊЕ АВТОРСКИ ПРАВА ЗА ФОТОГРАФИИФотографијата со Никола Груевски пред Основниот суд Скопје 1 на фоторепортерката на СДК.МК Маја Златевска за само неколку часа доживеа 50 „преобјавувања“. (Фото: М. Златевска)

    Голем број македонски медиуми и неколку приватни лица деновиве добиле писма со опомена од адвокатка која застапува неколкумина професионални фоторепортери од Македонија во постапка за неовластено користење нивни авторски фотографии, објави агенцијата „Мета“.

    Иницијативата за заштита на правата на авторите е поддржана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), и нивниот адвокат Наталија Миленковска, како што ни изјави, испратила триесетина опомени до медиуми или лица што неовластено користеле фотографии да се јават да се постигне спогодба за надоместок кон авторите на фотографиите. Во спротивно, ќе уследат тужби, објаснува Миленковска.

    „Опоменатите добија рок од пет дена да ни се јават за да се договориме како ќе се постапи во овој случај, за спогодбено да ги обесштетат авторите. Станува збор само за случаи за комерцијална употреба на фотографиите. Испративме триесетина опомени, а ќе има уште многу. Интензивно работиме на тоа, а имаме и многу потешкотии. На пример, некои портали што неовластено презеле и објавувале фотографии не се на оние адреси што се наведени во импресумите, па имаме многу работа да ги пронајдеме“, објаснува адвокатката.

    Според фотографот Томислав Георгиев, кој е еден од оние што ја почнаа оваа акција поддржани од адвокатката, идејата не е толку да се спечалат многу пари по секоја цена, туку да се постави пример како ќе се однесуваат луѓето кон трудот на фоторепортерите. Како што вели тој, досега фоторепортерите доставиле докази за околу 150 случаи на украдена фотографија. Во некои случаи имало и по 50 крадења на фотографија во еден ден, како во случајот со фоторепортерката Маја Златевска, чија фотографија од судење на Никола Груевски за само неколку часа доживеала 50 „преобјавувања“.

    „На моја иницијатива, половина и повеќе од парите што би се зеле, ќе одат за адвокат. Идејата не е да заработиме, туку да се реши веќе овој проблем и да се постави пример. Многупати во изминативе години се краделе мои фотографии, но сега веќе мора нешто да се преземе за да прекине оваа ‘перверзија’“, вели Георгиев.

    Станува збор за барање за обесштетување од по 250 евра по неовластено објавена фотографија, но и на тоа би попуштиле, вели Георгиев.

    Иницијативата за многумина е изненадување, иако беше најавена во декември 2017 на прес-конференција.

    Состојбата со прекршувањето на авторските права, особено од страна на онлајн медиумите во државата е алармантна и тоа е нотирано во повеќе стручни анализи, но досега немаше конкретни чекори. Ваквата состојба доведе до обезвреднување на новинарскиот труд и дестимулира креирање оригинални содржини.

    Кај многумина проблемот со прекршувањето на авторските права кај онлајн медиумите влијаеше за наивни повици кон нивна регулација. Сепак, преовладува мислењето дека авторските права се веќе регулирани во Законот за авторски и сродни права, а за аудио-визуелни продукти одредби има и Кривичниот законик и воведувањето на уште еден механизам ќе донесе повеќе проблеми отколку решенија.

    Според анализите, главниот проблем е неспроведувањето на законите, а ова е прв чекор што воедно е и тест за судскиот систем за воведување ред со неовластеното преземање на авторски содржини, без разлика дали станува збор за текст, фотографија или видео.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира