ДЕЦАТА ДА СИ УЧАТ ЗА ЕКСТЕРНО, НЕМА ВРЕМЕ ЗА СМЕНА НА ЗАКОНИТЕ

    ДЕЦАТА ДА СИ УЧАТ ЗА ЕКСТЕРНО, НЕМА ВРЕМЕ ЗА СМЕНА НА ЗАКОНИТЕ„Донесувањето на законите на се случува преку ноќ“, министерот за образование Пиштар Љутфиу во техничката влада во заминување, кој е кадар на ДУИ што би требало да биде дел и од новата влада на Зоран Заев (Фото: СДК.МК)

    На само десет дена пред почетокот на екстерното тестирање, учениците сè уште не знаат дали годинава ќе треба да полагаат или не.

    За да се укине екстерното тестирање, што годинава е закажано да се полага од 5 до 9 јуни, треба да се сменат Законите за основно и за средно образование, како и Законот за наставници. Владата треба да донесе нови измени и да му ги предложи на Собранието. Откако Собранието ќе ги усвои измените, новите законски решенија треба да бидат објавени во Службен весник за да стапат во сила.

    Иако мандатарот за состав на новата влада, Зоран Заев најави дека екстерното тестирање ќе се укине веднаш штом Собранието почне да работи, неизвесноста стана поголема откако денес министерот за образование и наука во заминување Пиштар Љутфиу, кој е кадар на ДУИ, рече дека сепак, и на крајот на оваа учебна година екстерно тестирање ќе има.

    „Силно верувам дека новата влада нема да донесе закон против граѓаните и учениците во Македонија, затоа би апелирал учениците да се подготват за екстерно тестирање бидејќи донесувањето на законите на се случува преку ноќ, туку треба да биде во консултација и со правниот сектор со правните експерти за да донесе добар закон. Потоа законот ќе мора да помине на комисии, ќе треба во Парламент, па верувам дека ќе треба да помине извесно време по доаѓањето на новата влада. Затоа, повторно апелирам дека и покрај желбите на СДСМ да се донесе законот за укинување на екстерното тестирање, потребно е време “, изјави Љутфиу.

    Од Државниот испитен центар (ДИЦ), институција што го спроведува екстерното тестирање, велат дека од нивна страна сè е подготвено за тестирањето на крајот на учебната година. Но директорката Мируше Амети не знае дали годинава децата ќе полагаат.

    „Не знам дали годинава ќе има екстерно тестирање или не. Ние не одлучуваме за тоа, туку работиме по закон и затоа јас не можам да кажам во моментов ништо. Ако се сменат законите може и да нема, но децата секако треба да учат без разлика на конечниот исход“, изјави за САКАМ ДА КАЖАМ.MK Мируше Амети.

    Петар Атанасов од СДСМ, пак, смета дека доколу Собранието нема време да ги смени законите, тогаш постои можност новиот министер за образование да донесе одлука и да се стопира тестирањето.

    „Постои можност министерството и новиот министер за образование да дадат насоки како да не се спроведе тестирањето. И јас имам две деца дома што ме прашуваат, но не знам да кажам дали децата треба да учат и да се подготвуваат за екстерно или не“, вели Атанасов.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира