Премиерот Христијан Мицкоски нема да го прифати предлогот на лидерот на СДСМ Венко Филипче да се донесе нов Кривичен законик. Лани ВМРО-ДПМНЕ беше соучесничка во носењето на измените на Кривичниот законик, правејќи кворум на собраниската седница.
Откако денеска Филипче кажа дека направиле грешка со тоа што го избришаа ставот 3 од член 353, а со кој на обвинетите корумпирани функционери има застаруваат делата, Мицкоски одговори дека џабе ќе биде да се носи нов закон.
„Нема таков закон во Министерството за правда, сега тие си седнале во партија и си направиле нов закон. Прво си направија закон и ајде со овој закон ќе амнестираме поединци, ќе ги носиме од лево на десно, да му правиме штета на ВМРО-ДПМНЕ. Не им успеа тоа, ете дел се спасија, дел што им беа предметите застарени тужеа и добија оштета. И сега сето тоа е завршено, не важи, жал ни е што погрешивме и потрошивме милиони на граѓаните, ќе седнеме ќе носиме некој закон, а никој жив не знае каков е тој закон. Студент од прва година на факултет знае дека за сите оние дела коишто се сторени изминатиот период и ќе бидат процесуирани, обвинитите ќе го изберат подобриот закон за нив. Сега ние најригорозниот закон да го направиме, да речеме ќе отсекуваме глава на тој којшто ќе го фатиме во криминал, ќе рече јас ќе си го изберам овој бидејќи таму ставот 3 од член 353 го нема бидејќи овие си го избришаа за себе да не одговараат“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Стопанската комора.
Филипче денес кажа дека во Министерството за правда има спремен закон од времето кога министерка била Рената Дескоска и побара Владата да го донесе.
На 6 септември 2023 преку ноќ и по брза постапка (со европско знаменце), власта на СДСМ и ДУИ, а ВМРО-ДПМНЕ беше соучесничка правејќи кворум на седницата, предложи и донесе измени на Кривичниот законик во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната е намалена на една до пет години затвор. Тоа значи дека предметите за злоупотреба на функцијата сега ќе застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.
Ставот 5, кој предвидуваше затворска казна од најмалку пет години ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот, од јавните фондови или од други средства на државата, со измените е избришан и веќе не постои. Измените стапија на сила на 15 септември 2023.
Со намалувањето на казните за Злоупотреба на службената положба и овластувањата и за кривичното дело злосторничко здружување, за кои се обвинети или осудени ексфункционерите од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се ослободува веднаш од пресудата од 9 години затвор во предметот „ТНТ“ каде од политичка одмазда урива комплекс „Космос“, како и од обвинението за криминал со кинеските автопати, познато како „Траекторија”.
Со измените, каде затворските казни за овие кривични дела значително се менуваат, веднаш се прекина и кривичното гонење на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев за кинеските автобуси, потоа на Сашо Мијалков во „Тврдина-Таргет”, а најверојатно и во „Трезор” за кои апелационите судии Енвер Беџети и Лирије Елези со чување во фиока се погрижија да помогнат во истекот на време, т.е. во застарувањето. Натаму, Миле Јанакиески и сообвинетите или другите осудени, се ослободуваат од случаите „Топлик” и „ТНТ”. Во суд веќе не мора да одат ни пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, ни Љупчо Димовски од Социјалистичка партија, партнерка на ВМРО-ДПМНЕ. Милошоски и татко му на раат ќе си располагаат со општинската зграда за која беа обвинети дека незаконски ја присвоиле за себе. Се спасуваат и други обвинети и осудени ексфункционери за злоупотреби, бидејќи во нашиот правен систем, секогаш важи поблагиот закон за обвинетите или осудените.
А. АНТЕВСКА