ЏАФЕРИ ГО ЗЛОУПОТРЕБИ СОБРАНИЕТО И НАПРАВИ БУДАЛИ ОД НАС ЗА ДА ГО ЗАШТИТИ ВЕЉАНОСКИ ОД ПРИТВОР, ВЕЛИ ПАВЛЕ БОГОЕВСКИ

    ЏАФЕРИ ГО ЗЛОУПОТРЕБИ СОБРАНИЕТО И НАПРАВИ БУДАЛИ ОД НАС ЗА ДА ГО ЗАШТИТИ ВЕЉАНОСКИ ОД ПРИТВОР, ВЕЛИ ПАВЛЕ БОГОЕВСКИПратеникот Павле Богоевски вели и дека е лага дека денешните парламентарни седници се одложени поради тоа што дел од пратениците се на службен пат. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања Павле Богоевски вели дека претседателот на Собранието Талат Џафери вчера го злоупотребил Собранието и го заштитил Трајко Вељаноски од притвор за организација на нападот на Собранието на 27 април 2017. Богоевски потсети дека нападот на 27 април следуваше веднаш по изборот на Џафери за претседател на Собранието.

    „Нашиот глас за Талат Џафери на 27 април резултираше со обид за наше убиство и терористички акт врз законодавниот дом. Тој немаше ниту гребнатинка. Вчера, тој го злоупотреби истото Собрание и го заштити организаторот од притвор, правејќи будали од сите нас“, напиша Богоевски на Фејсбук.

    Подоцна, откако Џафери изјави оти ја прекинал седницата поради однесувањето на пратеникот на СДСМ Мухамед Зекири, за кого Артан Груби од ДУИ рече дека од место го навредувал спикерот, Богоевски на Фејсбук напиша:

    „Талат Џафери ја прекинал седницата поради однесувањето на колегата Мухамед Зекири. Не знаев дека ‘лавот од Форино’ бил толку чувствителен. А можеше да го трпи криминалецот Груевски кога сакаше да се тепа со него за Законот за јазици. Не, Талат. Ти ја прекина седницата бидејќи се уште твојата партија е во коалиција со криминалната банда на ДПМНЕ. По сите драми и лаги дека на еден член му се слошило, а сте испратиле возила по другата заменичка. Не ви дозволивме да ја упропастите работата за време на комисиската расправа, ете затоа ја прекина седницата. По парламентарните избори, го извадивме ДУИ од ВМРО. Очигледно, не успеавме да го извадиме ВМРО од ДУИ“.

    Ноќеска, Џафери ја прекина собраниската седница и воопшто не се гласаше за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски, еден од шестемина осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во најновата истрага на Обвинителството за организиран криминал за нарачување и организација на нападот на Собранието на 27 април 2017, и за него се бара притвор поради можност за бегство и влијание врз сведоци.

    Богоевски во објавата на Фејсбук вели и дека е лага дека денешните парламентарни седници се одложени поради тоа што дел од пратениците се на службен пат.

    Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски на прес-конференција во Собрание побара од Џафери одговор зошто ја прекина седницата за одземање на имунитетот на Вељаноски, во услови кога имаше кворум и додаде дека СДСМ денеска нема да учествува во работата на Собранието.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира