МИЛОШОСКИ СЕ ОБИДЕ ДА НАПРАВИ ИНЦИДЕНТ СО СНИМАЊЕ СО МОБИЛЕН НА 24 ДЕКЕМВРИ, ЏАФЕРИ ЈА ОПОМЕНА СИЛЈАНОВСКА ДА НЕ ГО ПРАВИ ТОА ШТО НЕ САКА СТУДЕНТИТЕ ДА Ѝ ГО ПРАВАТ

    МИЛОШОСКИ СЕ ОБИДЕ ДА НАПРАВИ ИНЦИДЕНТ СО СНИМАЊЕ СО МОБИЛЕН НА 24 ДЕКЕМВРИ, ЏАФЕРИ ЈА ОПОМЕНА СИЛЈАНОВСКА ДА НЕ ГО ПРАВИ ТОА ШТО НЕ САКА СТУДЕНТИТЕ ДА Ѝ ГО ПРАВАТДодека на говорницата беше координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, неговиот сопартиец Антонијо Милошоски ги снимаше него и Џафери, на што реагираше собранискиот спикер. (Фото: Собраниски канал)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски се скараа околу терминот на вечерашното продолжение на 19. седница. Мицевски се пожали дека продолжението на седницата било планирано за 20 часот, а Џафери ги оставил пратениците од опозицијата да го чекаат час и 40 минути без никаква информација.

    „Вака го кршите Деловникот од самиот почеток. Продолжението на оваа седница беше планирано за 20 часот, сега е 21.40 часот. Саат и 40 минути пратениците од опозицијата ве чекаат во собраниската сала. Сакате да продолжите седницата без решение и без информација дека истата ќе продолжи после 18 часот. Вака ли ќе работиме, ова ли транспарентност на работата на Собранието? Сакате ли на мала врата да поминете некои работи во ниедно време во ноќта? Срамота е ова што го правите, сите граници ги поминавте“, кажа Мицевски.

    Додека зборуваше Мицевски, неговиот сопартиец Антонијо Милошоски ги снимаше него и Џафери, на што реагираше собранискиот спикер.

    „Антонијо Милошоски, прекинете со снимањето. Не е дозволено, не си барал одобрение од никого да снимаш. Не е дозволено неовластено да снимаш. Правете што сакате, јас ви кажувам дека е недозволено“, кажа Џафери и откако почека Мицевски да заврши, му одговори:

    „Се договоривме дека денес ќе работи Комисијата за финансирање и буџет и другите комисии, а оваа седница да се одржи на 28-ми и одеднаш наместо Комисијата за финансирање и буџет и другите комисии кои што ги водите ги свикавте за 28-ми. Имајќи предвид дека Комисијата за финансирање и буџет е свикана за 28-ми а и овие седници беа за 28-ми и затоа што не го испочитувате тој договор, решив ови две седници да бидат свикани денес. Сабајле беа свикани 19. и 20. седница. За продолжувањето на овие седници уште тогаш ви беше кажано дека во 12 часот продолжуваме со 19. седница и по неа продолжуваме со 20. седница. Сè зависи од дебатата од што ќе одвива на 19. седница. Тебе Мицевски ти кажав како координатор уште во 2.15 часот, ти се јавив ти кажав. Веќе не се слушаме по телефон, туку во пишана форма. Собранието е во постојано заседание во крајна линија“.

    Додека му одговараше Џафери на Мицевски, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска дофрлуваше од место, по што Џафери ѝ се обрати:

    „Молчете таму што знам јас или што знаете вие. Професорке немојте да упаѓате во збор, ова не ви е предавање на факултет“.

    19. седница потоа продолжи со расправа за Предлог на закон за изменување на Законот за инвалидски организации, по скратена постапка, за што имаше пријавено 26 говорници.

    Силјановска пак му дофрлуваше на Џафери, додека на говорницата беше пратеникот на Левица Борислав Крмов.

    „Гордана не дофрлувај од место. За ваков коментар на предавање студент нема да има право 2 години да ти се појави на факултет“, ѝ кажа овојпат Џафери на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.

    Крмов бараше од Џафери да каже до кога ќе работат.

    „Имаме фамилии дома. Секој од нас си го испланирал денот, утрешниот ден. Има луѓе кои треба да патуваат 100, 200 километри“, рече Крмов кај 22.30 часот.

    На ова Џафери одговори:

    „Јас да не немам фамилија? Цветанка Иванова е без фамилија?, па седиме тука од 8 часот. Кога се кандидиравте за пратеници требаше да им кажете на гласачите дека имате фамилии. Затоа, ќе работиме тука, додека има желба за говор. А желба гледам има. Пријавени за збор се 26 пратеници. Јас ќе ве чекам да зборите. А за враќање, пратеници сте. Кој со автобус, кој со тротинет, кој со кола.., кој нема, може да си преспие во хотел”.

    По 13 говорници, нешто по 23 часот, Џафери ги праша пратениците дали сакаат да продолжат со седницата или да остават за утре и на барање на пратениците од мнозинството, Џафери, иако кажа дека тој е да продолжат, реши да ја прекине седницата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира