ЏАФЕРИ НЕ СЕ ОТКАЖУВА, ЗАКОНИТЕ ЗА ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА И ЗА ЈАЗИЦИТЕ ОДАТ ВО СЛУЖБЕН ВЕСНИК БЕЗ ПОТПИС НА ИВАНОВ

    ЏАФЕРИ НЕ СЕ ОТКАЖУВА, ЗАКОНИТЕ ЗА ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА И ЗА ЈАЗИЦИТЕ ОДАТ ВО СЛУЖБЕН ВЕСНИК БЕЗ ПОТПИС НА ИВАНОВПретседателот на Собранието Талат Џафери во петокот изјави дека очекува и по повторното гласање во Собранието претседателот Ѓорге Иванов да не ја потпише ратификацијата, освен, ако не го искористи моментот по добивање покана од НАТО, да се премисли да го потпише Указот. - Претседателот Ѓорге Иванов,Талат Џафери, министрите за одбрана и за внатрешни работи Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски на прославата на годишнината на АРМ во август 2017 година.(Ѓ.Личовски)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека на 5 или 6 јули ќе ја закаже седницата на која пратениците треба повторно да гласаат за ратификација на договорот со Грција по одбивањето на претседателот на државата Ѓорге Иванов да го потпише законот.

    Тој најави дека ако претседателот Ѓорге Иванов не го потпише и Законот за ратификација на договорот со Грција,  исто како што направи со Законот за употреба на јазиците, до Службен весник, ќе ги испрати двата закони за објавување без потпис на Иванов.

    Џафери во петокот изјави дека очекува и по повторното гласање во Собранието претседателот Ѓорге Иванов да не ја потпише ратификацијата, освен, ако не го искористи моментот по добивање покана од НАТО, да се премисли и да го потпише Указот.

    „Ако и по вторпат не потпише, веќе станува лоша пракса со мешање во надлежностите, кои што нему не му припаѓаат. Собранието ќе ја истера целата процедура до крај како што треба“, рече Џафери на брифингот со новинарите, во петокот.

    Директорот на „Службен Весник“ Мартин Костовски по најавата на Џафери дека ќе ги прати предлог законот за ратификација на договорот со Грција и Законот за употреба на јазиците за објавување без потпис на претседателот Иванов, за медиумите изјави дека Службен весник како институција нема да ги спречи прогресивните и напредни процеси во државата.

    „ Ќе се водам по сите позитивни правни прописи во Република Македонија, но притоа Службен весник како институција воопшто нема да биде пречка за напредните и прогресивни процеси во кои тргнува Република Македонија“, изјави директорот Мартин Костовски.

    Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ јавно ги опомена претседателот на Собранието и директорот на Службен весник да не ги објавуваат законите за употреба на јазиците и за договорот за името само со потпис на претседателот на Собранието, бидејќи ќе извршат кривично дело за кое одговорноста не застарува.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира