Претседателот на Собранието Талат Џафери, како сведок за обидот за убиство на Зијадин Села во парламентот на 27 април лани, препозна пет од 10-те обвинети, кои на денешното судење во Основниот суд Скопје 1 беа донесени од притвор.
Џафери ги посочи обвинетите: Стојан Павлески, Андреј Мицов, Николче Димитриевски, Кире Ѓорѓиевски и Оливер Ошавковски. Тие први почнаа да фрлаат кон пратениците предмети и собраниска опрема од прес-салата, сведочеше денес Џафери.
Претходно, собранискиот спикер сведочеше што зборувале напаѓачите во Собранието.
„Додека зборував кратко на мобилниот со фамилијата, Села го снема. Не беше до мене. Во салата не забележав видливи повреди кај Села. Помислив обезбедувањето го извлекло. Но, набргу некој од напаѓачите рече: ‘Со Села завршивме, редот е на вас. Сите ќе потпишете изјави дека нема да го прифатите новото парламентарно мнозинство!’“, рече сведокот Џафери.
За разлика од спикерот Талат Џафери, сведокот Дамјан Манчевски кој имал појасна слика на насилствата и тепањето во прес-салата на 27 април лани во Собранието, ги препозна сите тепачи на Зијадин Села.
С. К. ДЕЛЕВСКА