Претседателот на Собранието Талат Џафери прв ме допре и јас, како што се гледа на снимките, одмавнав со раката пред да се пристапи кон силеџиското носење на Законот за јазиците завчера, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на паузата на денешното судење за ТНТ.
Во предметот ТНТ на СЈО, Груевски е обвинет за одмаздничко уривање на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК што мисли за тоа што никој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа кога му истури вода на Џафери и додека се обидуваше да му ја земе електронската картичка, а особено кога се качи горе на пултот и се допреа со главите, тој рече: „Ние не бевме договорени да дејствуваме заеднички. Реагираше секој како што смета дека треба да реагира. Реагираа сите пратеници. Јас реагирав така и не можам да коментирам за другите“, рече Груевски.
На наша констатација дека во архивите и во историјата на собраниските седници никаде нема доказ дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и тој се против Законот за употреба на јазиците, бидејќи не гласаа и не стиснаа црвено копче „против“, Груевски рече дека не биле таму да пишуваат историја.
„Сакавме да го спречиме неуставното носење на тој закон“, рече Груевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА