ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ ЏАБЕ ИМААТ ИНСУЛИН КОГА 3 МЕСЕЦИ НЕ ДОБИВААТ ИГЛИ

    ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ ЏАБЕ ИМААТ ИНСУЛИН КОГА 3 МЕСЕЦИ НЕ ДОБИВААТ ИГЛИОд Министерството за здравство велат дека во инсулинските аптеки периодов имало ограничен број игли оти истекол договорот со досегашниот оператор и се склучува договор со нова фирма. (Фото: СДК.МК)

    Дијабетичарите три месеци не добиваат игли за боцкање во инсулинските аптеки кои се наоѓаат во рамките на поликлиниките. Од почетоков на годинава инсулин за пациентите има, ама игли преку кои се вбризгува нема. Изминатите два месеца, како што велат дијабетичари кои се јавија во нашата редакција, добивале до десетина игли, а овој месец не им била дадена ниту една.

    „Џабе имам инсулин кога нема како да го примам. Ни даваа по десет игли кои не се доволни ниту за една недела бидејќи се боцкам два пати на ден. Вработената во инсулинската аптека овој месец ми рече дека немаат ниту игли, ниту летни за мерење на шеќерот. Не знаат која е причината. Сега освен тоа што мораме сами да си плаќаме за игли, треба да одиме од аптека до аптека низ Скопје за да ги најдеме оти ги нема секаде. Во една аптека даваат на парче, во друга аптека се продаваат само цели кутии кои се многу поскапи. Во време на пандемија ние треба да кружиме низ градот за да можеме да си обезбедиме терапија“, вели пациентка која е дијабетичар шест години.

    Од Министерството за здравство велат дека во инсулинските аптеки периодов имало ограничен број игли оти истекол договорот со досегашниот оператор и се склучувал договор со нова фирма.

    „Во инсулинските аптеки на територија на цела држава, во моментов се врши распределба на игли од 4 и 6 милиметри како и ленти. Заклучно со утре, иглите и лентите ќе бидат дистрибуирани на територија на цела држава. Поради промена на операторот, односно истекување на договорот и запазување на роковите при постапката за склучување нов договор со друг оператор, во изминатиот период во инсулинските аптеки имаше ограничена количина игли и ленти. И во измнатиов период додека траеја административните процедури, за пациентите  имаше доволно игли и ленти во инсулинските аптеки“, велат од Министерството за здравство.

    Во Македонија околу 190.000 луѓе живеат со дијабетес, а 40.000 се на инсулинска терапија, од кои 500 се деца.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира