ДИМИТРОВ И КОЅИЈАС НА ВЕЧЕРА КАЈ АКИ ОД КАМЕЊАНЕ ВО ВИЕНА

    ДИМИТРОВ И КОЅИЈАС НА ВЕЧЕРА КАЈ АКИ ОД КАМЕЊАНЕ ВО ВИЕНАНикола Димитров и Никос Коѕијас заедно со Аки Нуредини, сопственикот на познатиот виенски ресторан „Соле“, сврталиште на светскиот оперски џет-сет и виенската дипломатија (Фото: СДК.МК)

    Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас вечерва се на вечера во познатиот виенски ресторан „Соле“, пред утрешната заедничка средба со медијаторот Метју Нимиц. Ресторанот е сопственост на Аки Нуредини, познат виенчанец родум од Камењане, Тетовско.

    Ресторанот на Аки во близина на Операта во Виена е неформално место за дружење на светските оперски ѕвезди и на виенскиот џет сет, како и на австриски политичари и дипломати. Самиот Нуредини пак во Виена е познат како неформален амбасадор на Македонија бидејќи неговиот ресторан е сврталиште на македонски политичари, бизнисмени, уметници и добронамерници кои го посетуваат австрискиот главен град.

    Пред утрешната официјална средба во Виена под покровителство на Обединетите нации, министрите Димитров и Коѕијас се сретнаа на 23 март во Скопје.

    Аки Нуредини го испраќа Никос Коѕијас од ресторанот „Соле“ (фото: СДК.МК)

    Никола Димитров со газдата на ресторанот кој е неформално сврталиште на виенската дипломатија (Фото: СДК.МК)

    „Лесно е во политиката да не правиш ништо, особено во надворешната политика, но министрите за надворешни работи мора да наоѓаат решение за сите проблеми. Верувам дека политичките пречки ќе се надминат“, изјави, грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, за време на посетата на Македонија на 23 март.

    Коѕијас тогаш рече дека не може една страна да прифати се што ќе предложи другата страна.

    „Во процесот секој треба да го добие тоа што е главно за него и да го даде тоа што е главно за другата страна. Постојат компромиси, не можеш да наметнеш на никого како да се однесува“ рече Коѕиас

    Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров изјави дека одржливо решение е тоа решение кое ќе биде прифатено од двете страни.

    За Македонија не е прифатливо решение кое ќе биде споено име на македонски јазик и без превод.

    „Сегашната референца Поранешна Југословенска Република Македонија го содржи името Република Македонија и тоа е преведено на шесте официјални јазици на ОН. Тешко е да му кажам на мојот народ дека сложено име со некаква одредница заедно со името Македонија, во еден збор, е добро решение“, рече Димитров.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари