Судскиот процес против поранешниот вицепремиер Артан Груби и останатите во предметот Државна лотарија, продолжи со сведокот Андреј Крстевски, економист и советник за имплементирање проекти во кабинетот на генералниот директор на ова државно претпријатие.
На прашање на обвинителот Александар Давчевски, сведокот Андреј Крстевски кој со години е на функции во Државна лотарија и има увид во нејзиното функционирање, рече дека од април 2022 до октомври 2024 година бил член на Управниот одбор.
„Членовите на управен и надзорен одбор доаѓаат на предлог на владата, по претходен партиски филтер. Моментално сум член на граѓанската иницијатива Грин. Тогаш бев член на ЛДП”, одговори сведокот.
Дополни дека кога бил член на надзорен, па на управен одбор, па заменик-директор.
Кога била Катица Николова-Парнакова директорка, нејзин заменик бил обвинетиот Перпарим Бајрами. Потоа станал генерален директор, а Катица му станала заменик. На прашање на обвинителот тој направи споредба:
„Во време на Катица материјалите се доставуваа во текот на денот, имаше простор за нивно разгледување, па се свикуваа седници на ‘зум’. Додека, во време на Перпарим, материјалите се доставуваа подоцна, беше пократко времето за размислување и изјаснување. Во делот на материјалите, тие беа испраќани по мејл. Објаснувањето беше на ‘зум’ во време на Катица. Додека, во време на Перпарим немаше време во кое ќе може да ги објасни одлуките”, направи споредба сведокот.
„Што ви е познато за основањето на Ново влт од електронските игри на среќа?”, праша Давчевски.
„Тоа беше непосредно пред завршувањето на мојот мандат во Надзорниот одбор. Беше доставено буквално во пет до 12 и требаше да се изнесеме во најкус можен рок. Колешката бараше побрзо да се изјасниме, бидејќи имало притисок од Владата”, кажа сведокот.
За основање Ново влт за организирање електронски игри на среќа кога била на чело на претпријатието, директорката Катица била против таа идеја и поради тоа според сведокот, дошло до нејзина промена.
„За набавката на вл-терминалите, Бајрами ме повика во кабинетот, ми кажа дека идејата е за разбивање на монополот, дека има план да се набавуваат видео лотариско апарати. Тогаш бев член на УО но до мене не стигнаа материјали да се изјаснам формално за тоа. Дека се набавуваат, дознав дури откако беа набавени. Не беа ставени во функција, се чекаа некои решенија”, одговори сведокот.
За односите меѓу Перпарим и Артан, рече:
„Освен тоа дека беа пријателски, беа од иста партија и учествуваа на партиски собири, директорот Бајрами го ословуваше Груби како ‘шефот’ и во суперлатив”, кажа сведокот.
Во вкрстено прашање, првообвинетиот го праша дали седниците се одржувале и преку Вибер група?
„Имаше Вибер групи, но не можам да се сетам дека имаше гласање на Вибер група”, одговори сведокот Крстевски.
Потоа потврди дека на записниците никаде нема забелешка за брзо или бавно гласање. На прашање дали гласал за финансиски план за набавки на влт со таа сума.
„Да, но финансискиот план е само рамка од тоа што требаше да се направи годината, а за ваква сума односно набавка, требаше да бидеме вклучени и во неа“, одговори сведокот.
На прашање на адвокатот на Бајрами, сведокот рече апаратите се во магацините на Државна лотарија.
Покрај Груби и Бајрами, обвинети во предметот се уште Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски. Обвинителството тврди дека обвинетите незаконски овозможиле набавка на машини и видеолотариски терминали и самостојно приредување електронски игри на среќа, иако законското право веќе било доделено на компанијата Казинос Австрија. Груби претседавал со владината седница на која била донесена спорната одлука поврзана со работењето на Државна лотарија.
С. К. ДЕЛЕВСКА



