Директорот на Заводот за згрижување деца со воспитно – социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје или познат како дома за деца „25 мај“, Стевчо Соколовски денеска поднесе оставка од морални причини, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
Оставката следува откако невладината Европски центар за правата на Ромите (ЕЦПР) го обелодени случајот со 13-годишното девојче, кое минатата недела било подложено на абортус, а забременило по сексуално злоставување како штитеничка на Домот за деца „25 Мај“.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, минатиот петок кажа дека формирале комисија, која целосно ќе го испита случајот и дека ако утврди вина кај законски одредениот старател од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи-Скопје, против него и против директорот на установата во која било сместено девојчето ќе покрене дисциплинска постапка и ќе поднесе прекршочна пријава.
„Министерството за труд и социјална политика продолжува да го испитува случајот. Комисијата веќе утврди дека стручните служби и назначениот старател во неколку наврати ги алармирале надлежните институции за можна сексуална експлоатација на девојчето. Сега се истражуваат сите останати елементи за можно непостапување од страна на претходниот назначен старател на детето“, велат денес од Министерството за труд и социјална политика.
Девојчето од 2011 година е одземено од нејзините родители, кои ја принудувале да питачи и оттогаш државата се обидела да ја смести во пет згрижувачки семејства, но како што кажа царовска девојчето не успеало да се вклопи, поради што била сместена во домор „25 мај“.
Од Министерството за внатрешни работи минатата недела кажаа дека за ова девојче девет пати интервенирале по пријава од установата каде било сместено, односно редовно пријавувале дека тоа е исчезнато. Според полицискиот извештај уште во март лани била пронајдена во домот на жена од Шуто Оризари, која тврдела дека ја земала за да ѝ биде снаа, при што било утврдено дека имало сексуални односи со возрасно лице. Лани во ноември општа болница од Велес пријавила во СВР Велес дека девојчето кај нив е донесено во безсознание. Од полицијата информираа дека по направените прегледи во Судска медицина поднеле кривична пријава против Е.У. до Основното јавно обвинителство во Велес за полов напад врз дете.
„Очекуваме МВР и ОЈО да преземат мерки согласно нивната надлежност, за да се пронајдат и санкционираат лицата коишто ја злоупотребувале малолетната жртва. Преку овој случај се покажуваат аномалиите на разрушениот систем на социјална заштита, особено кога станува збор за деца во специфичен ризик. Евидентна е потребата од подобра координација меѓу сите институции и воспоставување систем кој вистински ќе ги заштити децата од социјален ризик. Интензивно работиме на процесот на деинституционализација. До средината на 2018 година, ќе почне трансформацијата на установите за згрижување деца во мрежа на мали групни домови“, велат од Министерството за труд и социјална политика.