Антикорупциската комисија одлучи да поднесе иницијатива до Обвинителството за организиран криминал и корупција за кривично гонење на сите учесници кои учествувале во постапката за изгласување на Деталниот урбанистички план (ДУП) кај салата „Борис Трајковски“ во Карпош 3, бидејќи утврдиле коруптивно однесување кај сите.
„Во своето надлежно постапување ДКСК утврди состојби кои укажуваат на сомнежи за несовесно работење, искористување на службената положба и овластувања и поткуп, заради што ќе се достави иницијатива до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција против сите чинители кои учествувале во постапката за носењето на деталниот урбанистички план за градска четврт (3 04, помеѓу булеварите Илинден, 8-ми Септември, реката Вардар и улица Љубљанска) – Општина Карпош, од неговото прво усвојување, до неговото укинување по втор пат од Уставен суд на РСМ“, изгласа заклучок денеска Државната комисија за спречување на корупцијата.
Во април Уставниот суд го укина Планот за Карпош 3, со што беше оневозможена градбата на бензинска пумпа на „Пуцко петрол“, но по анонимна пријава ДКСК ја испитала законитоста во постапувањето на градоначалникот Стевчо Јакимовски, на советниците на Општина Карпош кои го гласале Планот, за банка и за други учесници во постапката.
Антикорупционерите за овој предмет изгласаа одлука и до Министерство за локална самоуправа, да достави претставка за понатамошно постапување и за распуштање на Советот на Општина Карпош, согласно со чл. 75 ст. 1 т. 1 од Законот за локалната самоуправа.
„За останатите сознанија на ДКСК кои упатуваат на сомнежи за прикриена инвестициска активност на деловна банка преку комерцијален деловен субјект – трговско друштво, како и сомнежи за неусогласеност со даночната регулатива, ќе се достават претставки до надлежните државни органи и институции“, стои во денешниот заклучок.
Изнесените наводи во пријавата се однесуваат на сомнежи за неуставно и незаконски донесен Детален урбанистички план, за коруптивни цели, и тоа од страна на Советот на Општина Карпош и Градоначалникот на Општина Карпош Стефчo Јакимовски. Се истакнува дека овој ДУП не бил во согласност со Генералниот урбанистички план на Скопје, дека истиот овој ДУП еднаш бил укинат со одлука на Уставен суд на РСМ, дека плацот бил предвиден за градба на други објекти за друга намена, дека не можело да се врши пренамена на плацот во бензинска станица, дека земјиштето билo продадено на Пуцко Петрол ДООЕЛ Општина Пласница, кој не добил одобрение за градење во законски предвидениот рок. Наведено е дека како последица на ваквото коруптивно дејство, Пуцко Петрол ДООЕЛ Општина Пласница добил пресуда од Основен граѓански суд Скопје во негова корист, со која Општина Карпош била задолжена да исплати штета во поголем износ без основ, дека судијата кој работел на предметот ја донел таа одлука не работел чесно и стручно, дека не се следеле насоки од Апелационен Суд Скопје, да се изврши супервештачење за штетата, со оглед дека еднаш донесената пресуда била укината и предметот бил вратен на повторно постапување и одлучување.
Во претставката било истакнато дека и за вториот ДУП Уставниот суд на РСМ повел постапка за негово преиспитување и ја запрел неговата примена во правниот промет.
По увидот во содржината на пријавата, ДКСК побарала податоци, информации, документација и надлежно постапување од Општина Карпош, од Државно правобранителство на РСМ, од ГАМА АД Скопје, од НЕР АД, Скопје, од Уставен суд на РСМ, од Врховен суд на РСМ, од О2 Иницијатива, од деловните банки на Пуцко Петрол ДООЕЛ Пласница, од Министерство за транспорт и врски на РСМ, од Министерство за внатрешни работи на РСМ, од нотар Муамет Шехуод Скопје, од Управа за јавни приходи на РСМ и од Министерство за финансии на РСМ – Комисија за одлучување по барањата за денационализација за општините Карпош – Скопје, Центар – Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево и Дебар, со седиште во Општина Карпош – Скопје и изврши увид и обезбеди податоци од дистрибутивниот систем на Централен регистар на РСМ.
По извршената единечна и вкрстена анализа на сите факти и оценка на секој одделен доказ и на сите докази во целина, ДКСК ги утврдила следните состојби:
– Во конкретниот случај се работи за донесени два идентични ДУП-ови;
– Двата ДУП-ови не се усогласени со ГУП-от на Градот Скопје;
– За предметната ГП не може со сигурност да се верификува потребата за изградба на бензинска станица;
– Во времето на продажбата на спорната ГП на истата немало изградено гасовод. Градбата е извршена сукцесивно врз основа на издадено одобрение за градба во времето на продажбата на ГП, издадено од самата Општина Карпош;- Не е спроведена стратегиска оцена за влијанието на животната средина;
– Уставен суд на РСМ го укинал првиот ДУП поради процесни пропусти – немање доказ за објавување на одлука за неспроведување стратегиска оцена за влијанието врз животната средина;
– Предметната ГП била исцртана со маркица за градба на бензинска станица. Нема прецизни параметри за градбата на бензинска станица;
– Нема формално позитивно мислење од ГАМА АД Скопје. Издадена е т.н. премолчана согласност;
– На ГП не била исцртана градската гасоводна мрежа;
– ГП била продадена на Пуцко Петрол ДООЕЛ Општина Пласница;
– Пуцко Петрол ДООЕЛ Пласница не успеал да ги обезбеди потребните документи во предвидениот рок за изградба на бензинска станица;
– Нема процес на верификација на плановите што Пуцко Петрол ДООЕЛ Општина Пласница ги усогласувал со Министерство за внатрешни работи на РСМ – сектор за експлозиви и со ГАМА АД Скопје;- Поради укинувањето на првиот ДУП покренат бил судски спор за надомест на штета. Барано е надомест на изгубена добивка, со примена на динамичка метода, иако бензинската станица не била изградена;
– Во текот на судскиот спор, од страна на Општина Карпош иако требало да достави вештачење за причинско-последичната врска помеѓу штетниот настан и изгубената добивка, ова вештачење било доставено со задоцнување од неколку дена;
– Првостепениот суд во два наврати носи пресуда во корист на Пуцко Петрол ДООЕЛ Општина Планица;
– Апелационен суд Скопје во два наврати има донесено две суштински различни одлуки од оние на првостепениот суд;
– Истиот експерт е ангажиран и како вешто лице во спорот од страна на Пуцко Петрол ДООЕЛ Општина Пласница и како обучувач за примената на новиот Закон за урбанистичко планирање, врз основа на кој е донесенвториот ДУП. Држена е и обука на вработените во секторот за урбанизам во Општина Карпош;
– Вториот ДУП исто така е донесен без да се спроведе стратегиска оцена за влијанието врз животната средина;
– РСМ нема подземен катастар на недвижности;
– Вториот ДУП предвидува изградба на гасовод и можат да се идентификуваат контури на веќе изградените гасоводни цевки, изградни со претходно издаденото одобрение за градба од Општина Карпош, кога на сила бил првиот ДУП;
– Вториот ДУП е со цел да придонесе за решавање на судскиот спор;
– Врз основа на анализата на кредитната историја на Пуцко Петрол ДООЕЛ Општина Пласница, може да се идентификува сомнителна зделка за продажба на градежно земјиште во централното градско подрачје на Град Скопје, за кое се водат постапки за денационализација;
– Факт е дека истиот ДУП е донесен два пати од Општина Карпош и двапати е укинат од Уставен суд на РСМ.
На 3 март лани, со 16 гласови „за“ од советниците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ И ГРОМ, Советот на Општина Карпош го усвои Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт З 04, Блок 3 04.05. Против планот беа советниците од „Независни за Карпош“, а колегите од Левица не дојдоа на вонредната седница на која единствена точка на дневен ред беше усвојување на планот.
Со планот, на празниот простор пред ВИП Арена „Борис Трајковски“ паралелно со булеварот 8 Септември се предвидуваше бензинска пумпа, како и нова улица која ќе минува покрај терасата на базенот.
Земјиштето за изградба на бензинската пумпа веќе е продадено на фирмата „Пуцко Петрол“ и поради тоа градоначалникот Стевчо Јакимовски тврдеше дека мора итно да се донесе планот, во спротивно Општината ќе биде тужена.
С. К. ДЕЛЕВСКА