Државниот инспекторат за труд соопшти дека од почетокот на оваа година прави засилени контроли во приватните фирми за исплата на К-15, по вчерашната одлука на Владата со која го задолжи да изготви информација како е спроведена исплатата на регресот за годишен одмор и какви мерки се преземени против компаниите кои не ја испочитувале оваа законска обврска. Инспекторатот ги повика работниците на кои не им е исплатен К-15, тоа да го пријават на дежурниот телефонски број на Државниот инспекторат за труд 15131.
„Надзорот кој што почна од почетокот на годината ќе се спроведува до крајот на февруари, а инспекторите ги посетуваат правните субјекти од сите дејности, вклучувајчи ги и фабриките за производство на текстил и чевли“, соопшти Државниот инспекторат за труд.
Од Инспекторатот велат дека засилен инспекциски надзор се прави во производството на текстил и чевли, бидејќи најголем број претставки изминатите години биле од вработените во овие дејности.
„Напоменуваме дека во случаите каде ќе се утврди дека не е постапено согласно Законот и колективните договори, ќе преземеме мерки. При инспекцискиот надзор, ќе се проверува исплатата на регресот за годишен одмор (К-15), право коешто е утврдено со Спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Во Спогодбата е утврдено дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 отсто од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач“, велат од Државниот инспекторат за труд.
Е. БОЧВАРОСКА