До 31 декември 2026 е новиот рок за завршување на автопатот Кичево-Охрид. Владата на денешната седница донесе одлука за продолжување на рокот за изградба на делницата долга 54 километри која што веќе се гради 10 години. Сега во Собранието треба да се донесе Закон за дополнување на Законот за реализација на оваа патна делница со склучување на анекс број 6.
„Со утврдените законски дополнувања, 31.12.2026 година се предвидува како краен рок до кога изведувачот треба да ги заврши работите на оваа автопатска делница. Причина за пролонгирање на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница“, стои во соопштението од Владата.
Автопатот Кичево-Охрид до овој момент со сите анекс договори чини преку 600 милиони евра. Започна да се гради на 22 февруари 2014. Кредитот за оваа капитална инвестиција беше земен од кинеската банка „Ексим“ и државата треба да го врати за 20 години. Во октомври 2013, Собранието го одобри кредитот, а во ноември беше потпишан договорот меѓу македонската Влада и кинеската компанија.
Тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ вети дека новиот автопат ќе биде готов за 4 години, до 2018 година. Но, со доаѓањето на власт на СДСМ во 2017, беше кажано дека проектот е утнат, има еден куп нерешени проблеми на трасата. Првичниот проект претрпе промени поради несовпаѓање на проектираната и изведената траса, градежните активности беа сопрени, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните и беше потпишан нов анекс договор со кинеската фирма од дополнители 185 милиони евра.