ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА 60 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ЌЕ ИЗЛЕЗАТ ОД ИНСТИТУЦИИТЕ И ЌЕ ЖИВЕАТ ВО ЗГРИЖУВАЧКИ СЕМЕЈСТВА И МАЛИ ГРУПНИ ДОМОВИ

    ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА 60 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ЌЕ ИЗЛЕЗАТ ОД ИНСТИТУЦИИТЕ И ЌЕ ЖИВЕАТ ВО ЗГРИЖУВАЧКИ СЕМЕЈСТВА И МАЛИ ГРУПНИ ДОМОВИОд кампањата на УНИЦЕФ и Министерство за труд и социјална политика за зголемување на бројот за згрижувачки семејства

    Сите 30 деца кои моментално се сместени во Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“, до крајот на првото полугодие ќе ја напуштат установата и ќе бидат сместени во мали групни домови во Скопје и Штип и во згрижувачки семејства во Скопје, соопшти Министерството за труд и социјална политика. Според Министерството, со тоа до крајот на годината 60 отсто од децата кои досега беа сместени во институции ќе бидат извлечени од нив и сето тоа е постигнато од август лани досега.

    „Од повторното интензивирање на деинституционализацијата во август 2017 година, вкупно 161 дете претходно сместени во социјалните институции се згрижуваат надвор од установите. Во Специјалниот завод Демир Капија веќе нема ниту едно дете под 18 години, а децата сместени во Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение ’25 Мај’ се згрижени во пет мали групни домови во Скопје“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

    Планот на Министерството до 2020 да нема ниту едно дете под 18 години сместено во институција, поради што за сите институции е воведен административен мораториум за приемот на деца, со исклучок на Домот за доенчиња и мали деца Битола, којшто обезбедува згрижување на новороденчиња.

    „Секое дете заслужува семејство и затоа го менуваме начинот на кој како држава се грижиме за децата кои имаат потреба од долгорочна социјална грижа; со ова на секое дете му овозможуваме услови за правилен раст и развој, што е основно човеково право,“ вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

    Министерството за труд и социјална политика се заблагодарува на УНИЦЕФ, ЕУ и УНДП, со чија поддршка се реализира процесот на деинституционализација.

    „Правото на семејство е едно од најважните човекови права, затоа што семејството за детето претставува примарен извор на сигурност, идентитет и припаѓање. Напредокот што се постигна за да се стави крај на сместување деца во институции за малку повеќе од една година зборува за заложбата на земјата во остварување на своите европски и меѓународни обврски во однос на правата на децата“, вели Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира