ДО ОХРИД ЌЕ СЕ ПАТУВА ЧАС И ПОЛОВИНА КОГА ЌЕ ЗАВРШИ ИЗГРАДБАТА НА ОВОЈ КОРИДОР, РЕЧЕ ТРАЈАНОВСКИ НА СТАРТОТ НА РАБОТИТЕ НА АВТОПАТОТ ТЕТОВО-ГОСТИВАР

    ДО ОХРИД ЌЕ СЕ ПАТУВА ЧАС И ПОЛОВИНА КОГА ЌЕ ЗАВРШИ ИЗГРАДБАТА НА ОВОЈ КОРИДОР, РЕЧЕ ТРАЈАНОВСКИ НА СТАРТОТ НА РАБОТИТЕ НА АВТОПАТОТ ТЕТОВО-ГОСТИВАР„Бехтел и Енка“ почнува со работа на делницата 1 од автопатот Тетово-Гостивар во должина од 17,5 километри, која чини 90 милиони евра. (Фото: Влада)

    За две години ќе биде готов новиот автопат од Тетово до Гостивар, кажа директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски на денешниот старт на градежните работи на оваа делница.

    Како што кажа Трајановски, компанијата „Бехтел и Енка“ почнува со работа на делницата 1 од автопатот Тетово-Гостивар во должина од 17,5 километри, која чини 90 милиони евра. Во двата правци ќе има по две коловозни ленти и по една лента за застанување.

    „Договорот за оваа делница е потпишан во март 2023, а во јули 2024 наследивме само две информативни табли и ништо повеќе. Но, сега го гледате напредокот, се работи на трите делници, односно на Прилип-Битола, Гостивар-Букајчани и сега на Тетово-Гостивар. Во 2027 очекуваме да биде готова оваа делница. Знаеме дека жителите на овој регион ќе се соочат со проблеми поради градежните работи. Но, две години брзо ќе поминат и потоа ќе можат сите граѓани да патуваат многу поудобро и побрзо. Со реализацијата на целиот коридор Тетово-Гостивар-Кичево-Охрид, од Скопје до Охрид ќе се патува час и половина“, рече Трајановски.

    Како што кажаа од компанијата „Бехтел и Енка“, најпрво ќе се гради регионалниот пат од Тетово до Гостивар, за да може на него да биде пренасочен сообраќајот кога ќе почнат градежните работи на автопатот.

    Во април 2023, Владата на СДСМ и ДУИ на делницата направи свеченост за почеток на градежните работи на Коридорот 8. На настанот кај наплатната рампа Тетово-Гостивар, тогашниот премиер Димитар Ковачевски и тогашниот координатор на проектот и вицепремиер Артан Груби отворија табла на која имаше слика од автопат и бројот 8, кој го означува Коридорот 8. Немаше почеток на никакви градежни работи, немаше фрлање на првата лопата, ниту, пак, на делницата имаше градежна механизација. Сепак, тогашната Влада го претстави отворањето на таблата како почеток на проектот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира