ДОДЕКА ЈАС СУМ ПРЕМИЕР, ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ПРИМИМЕ НИТУ ЕДЕН МИГРАНТ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    ДОДЕКА ЈАС СУМ ПРЕМИЕР, ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ПРИМИМЕ НИТУ ЕДЕН МИГРАНТ, РЕЧЕ МИЦКОСКИМицкоски рече за оваа тема не е разговарана и доколку се разговара исто така ќе биде одбиена од наша страна. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека додека е тој претседател на Владата, во Македонија нема да се примат мигранти од Велика Британија. Тој, одговарајќи на новинарско прашање рече дека не е точно oti со британските власти се разговарало мигрантите кои нема да добијат азил во Велика Британија, да бидат донесени во земјава во мигрантски населби.

    „Со индигнација ги отфрлам овие шпекулации дека планираме било какви кампови на илегални мигранти да правиме. Да дојдеме до суштината на тоа што беше во британските медиуми. Тие викаат неуспешни апликанти за азил да ги праќаат во трети земји. Да кажам на македонската јавност дека таква тема не е разговарана и доколку се разговара исто така ќе биде одбиена од наша страна. Разговарано е дека заедно ќе се бориме против илегалната миграција#, рече Мицкоски давајќи изјава за медиумите пред Собранието каде се одржуваше седница на Постојаната анкетна комисија за човекови права на која се расправаше за претставка од Здружението на граѓани „16 март 2025“, познато и како Здружение на родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

    Денеска лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче рече дека тие како партија нема да дозволат да се оствари планот на таканаречените патриоти од ВМРО-ДПМНЕ, да се донесат мигранти во земјава, кои ќе можат тука да работат и да добијат постојано живеалиште.

    Мицкоски рече дека СДСМ нема никаква идеја која може да допринесе за општествениот живот во земјата, па шири вакви невистини.

    „Ние ќе продолжиме жестоко да се бориме против илегалната миграција и ќе развиеме проект како што сега е ‘Безбеден град‘, ќе биде ‘Безбедна држава‘. Нашите граници ќе бидат целосно мониторирани за да не ни се случува илегална миграција и нелегална трговија“, додаде Мицкоски.

    Британскиот весник „Тајм“, а потоа и „Дејли мејл“ и другите британски медиуми, на 5 декември објавија дека неуспешните баратели на азил би можеле да бидат депортирани во Македонија според новиот план за намалување на преминувањата низ Ла Манш. Весникот вели дека Македонија влезе во формални разговори со Велика Британија за да биде домаќин на „центар за враќање“ на мигранти наесен. „Тајмс“ вели дека според предлогот, Велика Британија би ѝ плаќала на Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, покрај инвестирањето во земјата и помагањето во нејзината безбедност од Русија. Мигрантите потоа би имале можност да побараат азил во Македонија или да добијат работни визи за работа во сектори со недостиг на работна сила. Тие нема да бидат притворени и би имале можност да заминат кога сакаат.

    Владата на 5 декември вечерта ги негираше овие тврдења на британските медиуми.

    „Ваквиот напис е за внатрешно-политичка употреба. Единствената вистина е таа што ја кажа и амбасадорот на Британија во Македонија Метју Лосон во јавна изјава во мај, кога категотично ги отфрли тврдењата дека Македонија ќе прифаќа мигранти“, ни изјави портпаролката на Владата Марија Митева.

    Британската амбасада во Скопје подоцна вечерта соопшти дека двете земји соработуваат преку Заедничката работна група за миграција за борба против нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал, зајакнување на безбедноста и справување со криминалните мрежи во рамките на Стратешкото партнерство.

    „По клучната средба меѓу премиерите Стармер и Мицкоски во мај, Велика Британија и Северна Македонија воспоставија Стратешко партнерство фокусирано на долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка дизајнирана да ја продлабочи соработката и да ја зајакне стабилноста и просперитетот во двете земји. Како дел од ова, Велика Британија и Северна Македонија потпишаа партнерство меѓу влади за реализација на критични инфраструктурни проекти во Северна Македонија. Оваа соработка беше зајакната и од двајцата премиери на Берлинскиот процес што се одржа во октомври оваа година во Велика Британија. Дополнително, двете земји соработуваат преку Заедничката работна група за миграција за борба против нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал, зајакнување на безбедноста и справување со криминалните мрежи. Ние стоиме цврсто зад нашиот сојузник во НАТО Северна Македонија за да го унапредиме просперитетот, безбедноста и економскиот раст“, соопшти на 5 декмври Британската амбасада на својот фејсбук профил.

    Во интервјуто за САКАМДАКАЖАМ.МК од 16 јуни, во кое зборуваше за новото Стратешко партнерство меѓу Обединетото Кралство и Македонија, британскиот амбасадор Метју Лосон на прашањето за соработката во областа на миграцијата, вклучително и учеството на Македонија во Заедничката работна група за миграција, рече:

    „Работната група е фокусирана на разбивање на криминалните банди кои профитираат од трговијата со луѓе и други незаконски добра преку границите. Овие банди претставуваат закана не само за Обединетото Кралство, туку и за Северна Македонија – и од безбедносен и од економски аспект. Во практична смисла, оваа соработка вклучува зголемена размена на разузнавачки информации, поблиска соработка на безбедностите служби и спроведување заеднички операции. Иако ова нема да биде видливо за граѓаните во нивното секојдневие, претставува значително унапредување на оперативното ниво на нашите министерства за внатрешни работи и полициски служби. Со оглед на тоа што Обединетото Кралство повеќе не е дел од европската агенција за гранично обезбедување Фронтекс, оваа иницијатива претставува замена за дел од техничката и разузнавачката соработка што претходно ја овозможуваше Фронтекс. Граѓаните нема да видат некои видливи промени – на пример, нема да има британски полицајци или граничари. Станува збор за подобрување на соработката и партнерството зад сцената, за подобра координација во борбата против организираниот криминал тука на Балканот и во Обединетото Кралство, со цел да се спречи трговијата со различни видови нелегална стока, вклучително, за жал, и со луѓе“.

    На 17 мај 2025, на прес-конференцијата на која премиерот Христија Мицкоски го претстави постигнувањето согласност за Заеднички договор за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, кој беше усогласен на 16 мај во Тирана, амбасадор Лосон, одговарајќи на новинарски прашања во врска со објавите во британски и македонски медиуми дека Македонија ќе треба да прифати мигранти, категорично ги отфрли таквите тврдења.

    „Како дел од договорите, земјата се согласи да се приклучи на заедничката мисија во однос на мигрантите. Но, тоа се однесува на соработка на полициските сили, справување со криминални банди и подобро споделување разузнавачки информации, што веќе се прави со неколку други европски земји. Сосема друга приказна е прифаќањето мигранти, не се работи за тоа. Сакам да бидам јасен во тој дел“, изјави Лосон.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира