ДОДЕКА ТРАЕ ЛИТУРГИЈАТА НА ПАПАТА НЕ СМЕЕ ДА СЕ АПЛАУДИРА, УЛИЦИТЕ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ ЌЕ БИДАТ ЗАТВОРЕНИ ОД 7 ЧАСОТ

    ДОДЕКА ТРАЕ ЛИТУРГИЈАТА НА ПАПАТА НЕ СМЕЕ ДА СЕ АПЛАУДИРА, УЛИЦИТЕ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ ЌЕ БИДАТ ЗАТВОРЕНИ ОД 7 ЧАСОТКога папата Фрањо ќе минува меѓу присутните не е дозволено фрлање на било какви предмети, дури ни цвеќе. (Фото: Ватикан Њуз)

    На светата литургија која на 7 мај папата Фрањо ќе ја одржи на Плоштадот Македонија граѓаните не смеат да аплаудираат, ниту да му фрлаат цвеќиња. Ова се дел од правилата кои се објавени од владиното координативно тело за посетата на Папата на Скопје.

    Граѓаните кои сакаат да присуствуваат на литургијата ќе треба да се пријават и да земат бесплатни влезници од католичките цркви низ земјава. Пријавувањето е почнато од вчера. Граѓаните кои ќе се движат кон Скопје со автомобили и автобуси треба да бидат обележани со плакат или некаков знак за распознавање, а се препорачува тоа да биде официјалното лого за посетата. На влезовите во градот ќе има полиција која ќе ги насочува кон паркингот каде ќе ги дочекаат волонтери кои ќе ги насочуваат кон плоштадот каде ќе се одржува Светата миса на која се очекува да присуствуваат најмалку 15.000 верници.

    „Учесниците на мисата треба да пристигнат во Скопје најдоцна до 6 часот. Потребно е да се пристигне во ова време заради безбедносните прегледи кои ќе се вршат на патиштата, а од 7 часот улиците во централното градско подрачје ќе бидат затворени за сообраќај. Влезот во литургискиот простор ќе биде отворен од 6 часот, а до 9 часот сите пријавени учесници треба да се наоѓаат на плоштадот. Пред влезот во литургискиот простор ќе биде извршен полициски преглед“, се вели во соопштението на сајтот за официјалната посета на папата Фрањо на Скопје papa.mk.

    Граѓаните кои ќе присуствуваат на литургијата со себе не смејат да носат експлозивни направи, запалки, петарди, факли, запаливи смеси и течности, спрееви и шишиња со компримиран воздух, огнено и ладно оружје. Забрането ќе биде внесување и на храна и пијалоци во метална и стаклена амбалажа, алкохол, чадори и знамиња.

    „Сите учесници со себе треба да имаат влезница и личен документ лична карта или пасош, здравствена книшка и историја на болеста за хронично болните, како и најпотребните лекови кои ги користат. Потоа вода и освежувачки пијалоци во проѕирна пластична амбалажа, а доколку носат храна таа треба да биде во картонска или хартиена амбалажа. Доколку врне бидејќи нема да биде дозволено внесување на чадори препорачуваме мантил за дожд“, стои во правилата објавени од координативното тело.

    Кога папата Фрањо ќе минува меѓу присутните не е дозволено фрлање на било какви предмети, дури ни цвеќе, а во текот на литургиската прослава не е дозволено ракоплескање.

    Се препорачува присутните со себе да не носат поголема количина на пари или предмети со поголема вредност заради можните ограбувања или губења на истите, да ја следат временската прогноза и носат облека во согласност со времето и со правилата за облекување на литургиска прослава. Да ги почитуваат упатствата кои ќе ги даваат водителите на програмата, волонтерите и полицијата.

    Папата Фрањо покрај литугријата на Плоштадот ќе се сретне и со претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев. Во спомен куќата на Мајка Тереза на улица Македонија ќе се сретне со поглаварите не сите верски заедници.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира