ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА УСОГЛАСЕН, ПРАТЕНИЦИТЕ ТАЈНО ЌЕ ГО РАЗГЛЕДААТ НА КОМИСИЈАТА ЗА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА

    ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА УСОГЛАСЕН, ПРАТЕНИЦИТЕ ТАЈНО ЌЕ ГО РАЗГЛЕДААТ НА КОМИСИЈАТА ЗА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКАМинатата недела, кога премиерот Зоран Заев го презентираше владиниот реформски план „3-6-9“ пред собраниската Комисија за европски прашања, вети дека договорот со Бугарија, сепак, ќе им го достави на увид на пратениците.(Фото:СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев ќе го презентира нацрт – договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија  на денешната седница на собраниската Комисија за надворешна политика. Седницата ќе биде затворена за јавноста.

    Според Уставот, седниците на Собранието се јавни.  Собранието може да одлучи да работи без присуство на јавноста со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

    Премиерот Зоран Заев како што изјави после враќањето од посетата на Бугарија на 22 јуни, не сака да открива што содржи Договорот со Бугарија се додека не се финализира текстот што би требало да се потпише. Но, Заев на седница на Парламентот на 22 јуни, расчисти неколку дилеми што се јавија во јавноста.

    “Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, ќе биде  потпишан на три јазици, македонски, бугарски и на англиски јазик. Со тоа што бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе го стави својот потпис практично ќе значи признавање на македонскиот јазик. За отстранување на термини од учебниците ќе одлучуваат експерти, но се треба да се разјасни дури откако Договорот со Бугарија ќе биде потпишан“, рече премиерот Заев.

    Минатата недела, кога премиерот Зоран Заев го презентираше владиниот реформски план „3-6-9“ пред собраниската Комисија за европски прашања,  вети дека договорот со Бугарија, сепак, ќе им го достави на увид на пратениците.

    Реакцијата на Заев беше одговор на забелешките на Илија Димовски координатор на првата пратеничка група, кој ја обвини владата дека крие што договорил со бугарскиот премиер Бојко Борисов и дека ја игнорира опозицијата. Пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ  испратија  две писма до премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров,  во кое бараат вклучување на опозицијата и увид во Договорот.

    Министерот за надворешни работи Никола Димитров во изјава за агенцијата Ројтерс на 14 јули, рече дека Македонија и Бугарија го усогласиле  текстот на договорот за добрососедство.

    “Потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија ќе го зајакне нашиот кредибилитет, ќе покаже дека сме сериозни и дека сакаме да градиме пријателства во нашиот регион“, изјави министерот Димитров.

    Иако премиерот Заев најави дека до 2 август ќе се потпише договорот за добрососедство со Бугарија, Димитров на собраниската Комисија за надворешна политика на 4 јули, рече дека можe тој нема да се потпише на тој датум, бидејќи Македонија заедно со Црна Гора е организатор на средбата на потпретседателот на САД Мајк Пенс, со членките на Јадранската повелба во Подгорица на 2 август.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

     

     

     

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира