Министерот за надворешни работи Бујар Османи објави видео во кое, како што кажа, на сликовит начин ја објаснува преговарачката рамка за членство во Европска Унија, истакнувајќи дека Договорот со Бугарија и прегледите од член 12 не можат да бидат основа за нова пречка на патот на Македонија кон ЕУ. Османи вели дека Договорот со Бугарија и прегледите од член 12 спаѓаат во основниот дел од преговарачката рамка, за кој Европската комисија не прави писмен извештај, ниту, пак, за него гласаат земјите-членки.
„Преговарачката рамка е поделена на два дела: општ и специјален. Во општиот дел се наоѓаат одредници за кои не се прави писмен извештај, ниту е потребно гласање. Специјалниот дел се состои од 35 скалила, односно поглавја низ кои државата треба задолжително да помине во пристапниот процес за да стане членка на ЕУ. За секое отворање и затворање на поглавје треба да се исполнат одредени услови кои се викаат одредници. Имаме одредници и за отворање и за затворање поглавје. За тие одредници се прави писмен извештај и има гласање од земјите-членки, што значи дека нова пречка на патот кон ЕУ може да има само во однос на овие одредници“, вели Османи во видеото.
Тој смета дека хипотетичка пречка може да биде акцискиот план за малцинства, содржан во одредницата за владеење на правото, Овој акциски план за малцинства не се однесува на некое специфично малцинство, туку на сите малцинства.
„Каде се наоѓаат Договорот со Бугарија и прегледите од член 12? Тие се наоѓаат во општиот дел. Значи, во ниедно од патоказите, скалилата и одредниците нема прашања од Договорот со Бугарија, Историската комисија и прегледите од член 12. Тие не можат да бидат пречка на патот на државата кон ЕУ, што не значи дека ние нема да ги имплементираме договорот и прегледите од член 12, зашто тие се потпишани и преземени се обврски“, вели Османи.