ДОКТОРИТЕ ЌЕ ГИ ЛЕЧАТ РАНЛИВИТЕ СЕМЕЈСТВА СО УРЕДИ ЗА ТЕЛЕМЕДИЦИНА, КУПЕНИ СО ПАРИ ОД УСАИД И УНИЦЕФ

    ДОКТОРИТЕ ЌЕ ГИ ЛЕЧАТ РАНЛИВИТЕ СЕМЕЈСТВА СО УРЕДИ ЗА ТЕЛЕМЕДИЦИНА, КУПЕНИ СО ПАРИ ОД УСАИД И УНИЦЕФУредите за телемедицина се обезбедни со пари од УНИЦЕФ и УСАИД. - Патриција ди Џовани од УНИЦЕФ и министерот за здравство Беким Сали. (Фото: Министерство за здравство)

    Ранливите семејства во земјава ќе бидат лекувани со уреди за телемедицина од лекари кои се обучени за давање телемедицински услуги, соопшти УСАИД. Пилот-иницијативата започна денеска, откако УНИЦЕФ и УСАИД обезбедија педесетина уреди за следење на здравјето од далечина кои ќе им овозможат на лекарите да вршат физички прегледи од далечина.

    Лекарите со помош на уредите за следење ќе можат да вршат физички прегледи на пациентите од далечина за да дијагностицираат акутни состојби како што се ушни инфекции, воспалено грло, треска, настинка и грип, алергии, стомачни проблеми, инфекции на горните дишни патишта и осипи. Една од клучните предности, како што се наведува, е следењето на хроничните состојби кај најранливите и контрола и следење на пациентите по спроведените процедури, вклучувајќи го и ковид-19.

    „Иницијативата има за цел да обезбеди алтернативи на традиционалните здравствени консултации лице в лице во случаите кога физичкото присуство не е можно или не е потребно и да го зголеми правичниот пристап до здравствените услуги“, вели УНИЦЕФ.

    Од УНИЦЕФ посочуваат дека лекарите во земјата се служат со телефон или видео-конференции за да обезбедат телемедицински услуги, но тоа е ограничено на испитување и дијагностицирање на пациентот, без предноста што ја дава физичкиот преглед.

    „Новите уреди за далечинско следење сега ќе им овозможат на лекарите да направат преглед на срцето и белите дробови на пациентот со висококвалитетни дигитални звуци; на ушите, грлото и кожата со висококвалитетни дигитални слики и видео; и да го измерат отчукувањето на срцето и телесната температура. Иновативниот и сеопфатниот пристап со уредите за далечинско следење, од закажување и виртуелна посета до план за здравствена заштита, не е само заштеда на време, туку и заштита од стрес, и се смета дека семејствата ќе се заштитат од финансиските трошоци за патување и од чекањето во здравствени установи. Овој пристап може да помогне да се спречи непотребното упатување на пациентите помеѓу различните нивоа на здравствени услуги и да се намалат прегледите со физичко присуство, што е од голема важност за пациентите за кои честото движење претставува товар и ризик“, соопшти УНИЦЕФ.

    Околу  150 матични лекари учествуваа на работилниците фокусирани на три главни области: клучните принципи на телемедицината, развој на вештини за делотворна комуникација со пациентите од далечина и практична употреба на модулот за телемедицина преку државниот електронски систем Мој термин. До крајот на годината се очекува 70 отсто од матичните лекари да ги изградат своите капацитети за давање телемедицински услуги на децата и нивните семејства.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира