ДОСЕГА 7 ЛИЦА СЕ РАЗБОЛЕЛЕ ПО ТРЕТПАТ ОД КОВИД, А ИМА ВКУПНО 3.380 РЕИНФЕКЦИИ ОД КОИ СКОРО ПОЛОВИНАТА ПОСЛЕДНАВА НЕДЕЛА

    ДОСЕГА 7 ЛИЦА СЕ РАЗБОЛЕЛЕ ПО ТРЕТПАТ ОД КОВИД, А ИМА ВКУПНО 3.380 РЕИНФЕКЦИИ ОД КОИ СКОРО ПОЛОВИНАТА ПОСЛЕДНАВА НЕДЕЛАВо текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.247 реинфекции, со зголемување од 31,8% во однос на претходната недела. (Фото: СДК.МК)

    Од појавата на пандемијата до 16 јануари годинава, вкупно се регистрирани 3.380 реинфекции со ковид-19 кај лица кои претходно прележале, што е 1,4 отсто од вкупниот број на заболени, според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Од повторно заразените седум се втори реинфекции, односно луѓе кои по третпат се разболеле.

    Само вчера, од вкупно 2.269 позитивни  регистрирани беа 310 реинфекции. Според неделниот извештај на ИЈЗ, во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.247 реинфекции, со зголемување од 31,8%
    во однос на претходната недела.

    Од Министерството за здравство, пред три недели соопштија дека најкраткиот период во кој е регистрирана реинфекција со ковид-19 во земјава е изминати три месеци по прележување на вирусот. Во просек, реинфекциите на ковид- 19 во земјава се регистрираат по изминати четири-пет месеци од прележаната прва инфекција. Од реинфекциите, 10 завршиле со смртен исход.

    Моментално со короновирус низ болниците во земјава лежат 439 лица или 25,1 процент повеќе во споредба со претходна недела, а од нив 251 се на кислородна поддршка (15,1% повеќе) и 26 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација што е четири пати повеќе во споредба со претходна седмица, се вели во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 10 до 16 јануари. Повеќе од половина од хоспитализираните, односно 57 проценти, се на кислородна поддршка.

    Досега според податоците на ИЈЗ, во државата од ковид заболеле 245.398 лица, најголем дел регистрирани во Скопје, Куманово, Прилеп, Тетово и Битола, додека највисок морталитет се регистрира во Прилеп, Охрид и Кавадарци. Највисок леталитет во Струга, Крива Паланка, Дебар и Крушево. Регистрирани се 62.107 (27,9%) асимптоматски случаи. Од заболените до 16 јануари 2022 година 220.886 случаи (90,0%) се водат како оздравени. Од нив 7.704 или 10,7 отсто беа хоспитализирани.

    Во однос на симптоми пријавени кај заболените, најчесто се регистрирани температура (59,3%), кашлица (44,8%) и малаксаност (43,5%).. Во однос на коморбидитети, 40.353 лица имале кардиоваскуларна болест, 13.204 дијабет, 5.700 хронична белодробна болест и 14.493 со други болести. Од појавата на ковид-19 до сега починале над 8110 лица, кај нив најчесто од коморбидитетите биле на прво место кардиоваскуларни болести, па дијабет, белодробни, невромускуларни, бубрежни и на крај карцином.

    Пријавени се 1.112 случаи со коронавирус кај бремени жени и 6.927 кај здравствени работници. Од трудниците 8 починале и 37 здравствени работници. Од вкупниот број смртни случаи, 93 отсто починале во болнички услови.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира