ДОСЕГА ИМА ВКУПНО 6.494 РЕИНФЕКЦИИ ОД КОВИД, А ПОЧИНАЛЕ 13 ЗАРАЗЕНИ ПО ВТОРПАТ

    ДОСЕГА ИМА ВКУПНО 6.494 РЕИНФЕКЦИИ ОД КОВИД, А ПОЧИНАЛЕ 13 ЗАРАЗЕНИ ПО ВТОРПАТЗа една недела пријавени се 148 смртни случаи во 26 градови што е за 38,3% повеќе во однос на минатата недела. (Фото: СДК.МК)

    Тринаесет лица кои по вторпат се заразиле со ковид-19 починале, вели извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Од почетокот на пандемијата до денес, регистрирани се 6.494 реинфекции, што е 2,4 проценти од вкупниот број позитивни случаи во земјава, а од нив 17 се болни кои се разболеле по третпат.

    Само изминатата недела, од 24 до 30 јануари, биле пријавени 1.558 реинфекции или една четвртина од вкупниот број повторни заразувања. Тоа е скоро идентичен број во однос на претходната седмица.

    Според извештајот на ИЈЗ, низ болниците во земјава од ковид-19 моментално е хоспитализирано 671 лице што е 22 проценти повеќе во споредба со претходна недела, а од нив 390 се на кислородна поддршка (14,4% повеќе во споредба со претходна недела) и 31 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (14,8% повеќе во споредба со претходна недела).

    Минатата недела биле тестирани се вкупно 38.518 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од два проценти во однос на претходната недела. Регистрирани сe 11.916 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со зголемување од 2,7% во однос на претходната недела. Процентот на позитивност се движи од 22,5% до 35,8%, просечно 30,3%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци.

    Меѓу болните, најзастапени се возрасните групи над 60 години и од 30 до 39години. Најмал број е регистриран кај возрасната група до 9 години. Се забележува намалување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 11% кај возрасната група од 10-19 години, додека зголемување се забележува кај оние од 50- 59 години и над 60 години.

    За една недела пријавени се 148 смртни случаи во 26 градови што е за 38,3% повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (48). Во однос на возраста, најголем број од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (12), 40-49 години (2) и 20-29 години (2).

    Вкупно од појавата на вирусот досега регистрирани се 8.409 смртни случаи. Кај 82,1% се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларни, дијабет, белодробни, невромускуларни, бубрежни и карцином. Регистрирани се 9 смртни случаи кај бремени жени и 37 смртни случаи кај здравствени работници.

    Заклучно со 30.01.2022, пријавено се вкупно 268.901 случај на ковид-19. Најголем дел регистрирани во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп и Тетово, додека највисок морталитет се регистрира во Охрид, Кавадарци и Прилеп. Највисок леталитет се регистрира во Струга, Крива Паланка и Дебар. Највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители се регистрира во Кавадарци со 21.226,3 на 100.000 жители, Скопје (19.312,7/100.000), Гевгелија (16.798,2/100.000) и Неготино (16.732,2/100.000), а најниска инциденца од 5.335,2 заболени на 100.000 жители се регистрира во Дебар.

    Намалување на инциденцата во последните две недели се забележува во Крушево, Пробиштип, Прилеп, Охрид и Битола во однос на претходните 2 недели.

    Досега во лабораторијата за вирусологија при ИЈЗ се детектирани 255 пациенти позитивни на омикрон варијантата. Детектирани се и примероци со делта сојот на SARS-CoV-2.

    Според категоризацијата на ризикот се проценува дека Македонија е во фаза на широка трансмисија, подниво 3, со соодветни капацитети за одговор.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира