ДОСЕГАШНИТЕ БУЏЕТИ БЕА ЛАЖНО ПРОЕКТИРАНИ ЗА ДА СЕ ПРОДАВА ПРИКАЗНА ДЕКА ИМА РАЗВОЈ, ТВРДИ МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИ

    ДОСЕГАШНИТЕ БУЏЕТИ БЕА ЛАЖНО ПРОЕКТИРАНИ ЗА ДА СЕ ПРОДАВА ПРИКАЗНА ДЕКА ИМА РАЗВОЈ, ТВРДИ МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИМинистерот за финансии, Драган Тевдовски, рече дека не е точно дека капитални инвестиции се кратат, туку дека тие се поставени на реална основа, па дури и оптимистички. (Фото: СДК.МК)

    Најмногу средства се кратат за образованието и за капитални инвестиции што можеа да се реализираат брзо, рече Владанка Авировиќ пратеник од Социјалистичка партија на денешното продолжение на собраниската расправа за ребалансот на Буџетот. Министерот за финансии Драган Тевдовски одговори дека не е точно дека капитални инвестиции се кратат, туку дека тие се поставени на реална основа, па дури и оптимистички.

    „Со буџетот за 2017 година, капиталните инвестиции беа проектирани на 27 милијарди денари, сега се на 23,4 милијарди денари, бидејќи се поставени на реална основа. Во 2016 година, реализацијата била 16,9 милијарди денари и во изминатите пет години тие никогаш не достигнале реализација повисока од 19 милијарди денари. Секој буџет досега беше лажно проектиран за да се продава приказната дека има развој“, кажа Тевдовски.

    Авировиќ тврди дека предвидениот пораст на економијата од 2,2 отсто ќе се оствари ако имало реализација на некои од капиталните инвестиции кои што овој период изостануваа.

    „Порастот на економијата од 2,2 отсто ќе се оствари доколку имаше брза реализација на некои од капиталните инвестиции кои овој период изостануваа. Постојат повеќе категории на капитални проекти, едни за кои е потребно подолго време и се поврзани со јавни набавки и други кои можеа да се реализираат бргу. Градењето градинки и училишта или нивна реконструкција оди брзо. Вие кратите 8 милиони денари за реконструкција, тоа се мали зафати, но важни за училиштата и за градинките. Кратите и 15 милиони денари за изградба на училишта и на спортски сали“, рече Авировиќ.

    Таа додаде дека на смета на овие кратења, во ребалансот има зголемување на платите во сите министерства, како и средства за привремени вработувања за кои што ЕУ стави забелешка дека треба да се намалат.

    Пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими, рече дека со ребалансот на буџетот се очекува до крајот на годината да се завршат неколку патни правци кон Косово.

    „Скратени се средства од институциите кои не можат да ја следат динамиката на реализација на одредени проекти. Државата имаше институционална криза и институциите не фунцкионираа според предвидената динамика“, рече Алими.

    Кординаторот на ДУИ Ејуп Алими рече дека  очекува правичен и рамномерен буџет, кој ќе ги задоволи потребите на сите граѓани, односно рамномерен регионален развој за кој наместо сегашните 3,7 милиони денари ќе бидат одвоени 80 милиони денари од буџетот за 2018 година.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира