Владата денеска доби доверба од сите 62 пратеника, колку што брои вкупно парламентарното мнозинство предводено од СДСМ, откако два часа претходно премиерот Зоран Заев во име на Владата изненадувачки побара да ѝ се гласа доверба.
Министрите ги немаше, тој беше во салата само со 62-цата пратеника и си замина додека тие му аплаудираа. Уште кога го поднесе предлогот, сите пратеници од опозицијата си заминаа од салата, па не беа ни на гласањето со што во архивата на Собранието ќе остане дека гласањето за довербата поминало без гласови „против“ и „воздржан“.
Заев, користејќи го правото да се обрати пред гласањето, рече дека лично е изненаден што опозицијата ја пропушта „златната шанса да го сруши“, бидејќи долго време тоа го најавувала.
„Или стабилна влада и стабилно парламентарно мнозинство, или слаба и разнишана опозиција. Не може да има трето“, кажа тој од собраниската говорница.
Потоа, направи куса ретроспектива на однесувањето на опозицијата, апострофирајќи ја ВМРО-ДПМНЕ, за која кажа дека граѓаните ги држи во неизвесност, ги плаши со нестабилност на економијата, ги кочи реформите и го кочи и носењето на петтиот пакет мерки за помош на економијата, а притоа секојдневно шири лаги, за кои рече дека ќе ги победи само со вистината.
На крајот, спикерот Талат Џафери, кога ги виде колегите од ДУИ обединети и сите во полн состав дојдени да гласаат за доверба на Владата, ги гледаше со насмевка.
Собранието продолжи со работа со другите седници.
С. К. ДЕЛЕВСКА