ДОЖИВОТНИ КАЗНИ ЗАТВОР ЗА ТЕРОРИЗАМ ЗА ТРОЈЦАТА ЕКГЗЕКУТОРИ НА ЧЕТИРИТЕ МОМЧИЊА И РИБАРОТ КАЈ СМИЉКОВСКО ЕЗЕРО

    ДОЖИВОТНИ КАЗНИ ЗАТВОР ЗА ТЕРОРИЗАМ ЗА ТРОЈЦАТА ЕКГЗЕКУТОРИ НА ЧЕТИРИТЕ МОМЧИЊА И РИБАРОТ КАЈ СМИЉКОВСКО ЕЗЕРООд изрекувањето на пресудата во Основниот кривичен суд Скопје. (Фото: МИА/принтскрин)

    Судијата Огнен Ставрев ја прочита првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје со која за петкратното убиство на четирите момчиња и 45- годишниот рибар на 12 април 2012 година тројца од обвинетите повторно добија доживотни затворски казни.

    За тероризам избеганите на Косово Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, како и Агим Исмаиловиќ кој е тука, во притвор, Судот ги осуди на доживотен затвор за убиството на: Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски и Филип Славковски, на возраст од 18-20 години, како и на рибарот Борче Стевковски.

    За организирање на бегството на Алил и Африм на Косово, Фејзи Азири е осуден на вкупна казна од 15 години, зашто стариот закон по кој се води овој предмет по вторпат, не дозволува збирната казна да биде над 15 години.

    Хаки Азири за превоз на тројцата по убиството (за помагање во тероризам), осуден е на вкупна казна од 9 години затвор.

    На сите, во овие казни им се пресметуваат годините што досега ги одлежале, од првата пресуда пред Врховниот суд да ја укине и предметот на крајот на 2017 година да го врати на повторно судење.

    „Почитувани, четири невини животи на млади деца кои штотуку пораснале беа згаснати. Замислете ги во таа секунда чувствата на егзекутираните лица, додека клечеле на колената. Зошто ние, што сме направиле? Во таа една секунда им прошол пред очи целиот живот, љубовните искуства, плановите за животот…Почитувани замислете ја психолошката бездна за родителите и за семејството на младиот рибар кога дознале дека нивните најмили повеќе ги нема”, зборуваше претходно судијата Ставрев. Родителите на убиените деца плачеа додека тој зборуваше, како веста да се случила пред неколку минути.

    Адвокатите искажаа незадоволство од пресудите. Обвинителката Фетаи побара притвор за сите осудени, а за Агим продолжување на мерката притвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира