Градоначалникот Петре Шилегов смета дека депонијата „Дрисла“ мора да се врати прво во надлежност на Град Скопје, па потоа да се распише нов оглас за приватен партнер.
Градот пред Нова година поднел жалба на одлуката на Управниот суд да се раскине договорот со италијанскиот концесионер „ФЦЛ Амбиенте“ и да се склучи договор во германската фирма „Шолц“. Од Градот бараат да се врати депонијата целосно во сопственост на Градот, па дури потоа да се бара нов концесионер кој ќе биде обврзан да воведе најсовремени технологии за третирање на отпадот и ѓубрето на „Дрисла“.
Досега, германската фирма која што учествуваше на тендерот пред 7 години двапати го обжалуваше договорот со италијанската фирма, по што Управниот суд пресуди дека поради неправилности во тендерската постапка треба да се склучи нов договор, но Град Скопје, додека градоначалник беше Коце Трајановски, повторно во двапати склучуваше договор со „ФЦЛ Амбиенте“.
Пред два месеца, Управниот суд донесе нова одлука со која наложува Град Скопје да склучи договор со германската фирма „Шолц“, за што сега Град Скопје поднел жалба.
„Ние на оваа одлука поднесовме жалба во Вишиот Управен суд во која бараме да се врати ’Дрисла‘ целосно во сопственост на Град Скопје, да ги видиме целосно сите податоци и работа на депонијата па потоа да распише нов оглас за приватно-јавно партнерство при што ќе бараме идниот концесионер да воведе најсовремени технологии, кои според тендерот пред 7 години не се обврзувачки за приватниот партнер, меѓу кои и производство на струја“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Градоначалникот Шилегов вели дека изминативе години додека со депонијата стопанисува „ФЦЛ Амбиенте“ ништо не е направено.
„Јас веднаш по моето доаѓање на градоначалничката функција го покренав прашањето за ’Дрисла‘, се направија контроли, изречена е казна што досега никогаш не било направено. Да, ’Дрисла‘ има удел во загадувањето, но тоа не е примарната причина за состојбата во која се наоѓаме. Удел има и греењето, возилата и навистина работиме на решенија и мерки. Годинава почнуваме со гасификација, прифатен е мојот предлог за налепници на возилата во зависно од тоа толку загадуваат. За наредната сезона ќе набавиме и дронови со кои ќе се снимаат и лоцираат загадувачите“, додава Шилегов.
Град Скопје во 2011 година ја избра италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ за концесионер на „Дрисла“. Тие ја добија депонијата на 35 години и според договорот во неа требаше да инвестираат 73 милиони евра.
А. АНТЕВСКА