ДРЖАВАТА БЕЗ АРГУМЕНТИ НЕ НИ ДОЗВОЛУВА ДА РАБОТИМЕ И ЈА ПОГРЕБУВА МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА, РЕКОА МУЗИЧАРИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ПРЕД ВЛАДАТА

    ДРЖАВАТА БЕЗ АРГУМЕНТИ НЕ НИ ДОЗВОЛУВА ДА РАБОТИМЕ И ЈА ПОГРЕБУВА МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА, РЕКОА МУЗИЧАРИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ПРЕД ВЛАДАТАМузичарите велат дека се последната целосно забранета дејност во државата (Фото: К. Попов)

    Да се поништи одлуката со која се забранува музика во угостителските објекти, побараа членовите на здружението „Музика сега!“ на протестот пред Владата, потенцирајќи дека останале последната целосно забранета дејност во државата. Не можејќи да го разберат таквиот однос на државата кон нив, музичарите велат дека ова што им се случува е класична дискриминација.

    „Целта на ова наше собирање е да ставиме точка на малтретирањето што го трпиме во последните месеци. Дојде време да нè пуштат да си ја вршиме работата. Без причина сме дискриминирани. Сметаме дека се постигнати условите да можеме да ја вршиме нашата дејност. Додека пред нас не се изнесат аргументи зошто само ние не можеме да работиме, ќе протестираме“, изјави Трајко Симоновски, претседателот на „Музика сега!“.

    Тие велат дека е нелогично да можат да се организираат свадби, а да не може да има свирки во кафулиња.

    „Ние доставивме протоколи за мали настани до Комисијата за заразни болести и Министерството за култура уште пред една година и тие беа ископирани од други европски земји. Досега не сме добиле никаков одговор“, вели Симоновски.

    Ова здружение има околу 440 членови, но заедно со други вакви здруженија, станува збор за 1.600 луѓе кои се погодени од забраната за настапување.

    „Не сите музичари се вработени во државни институции, како Опера и Филхармонија. Некои живеат исклучиво од настапите во локалите. За Комисијата за заразни болести не е проблем шест луѓе да седат на една маса во кафеана и да боцкаат од иста салата, а музичар или диџеј кој настапува во еден ќош претставува голема опасност за околината. Не знам, како некој намерно да се обидува да го отепа овој дел од македонската култура. Затоа имам црна лента на ракавот, зашто ова буквално е погребување на македонската музика“, изјави Илија Џон Апелгрен.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира