ДРЖАВАТА ЌЕ ПЛАЌА ОТШТЕТА ПО ПАЗАРНИ ЦЕНИ ДУРИ И ЗА БЕСПРАВНО ИЗГРАДЕНИ ОБЈЕКТИ НА ЗЕМЈИШТЕТО ШТО ЌЕ СЕ ЕКСПРОПРИРА ЗА ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТИТЕ

    ДРЖАВАТА ЌЕ ПЛАЌА ОТШТЕТА ПО ПАЗАРНИ ЦЕНИ ДУРИ И ЗА БЕСПРАВНО ИЗГРАДЕНИ ОБЈЕКТИ НА ЗЕМЈИШТЕТО ШТО ЌЕ СЕ ЕКСПРОПРИРА ЗА ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТИТЕЗа експропријација државата процени дека ќе бидат потребни 300 милиони евра од Буџетот (Фото: СДК.МК)

    Државата да им плаќа отштета на сопствениците дури и за бесправно изградените објекти на нивното земјиште што ќе го експроприра за изградбата на Kоридорот 8, предлагаат измените на Законот за експропријација што денеска заедно со други 8 закони ќе се носат во Собранието по итна постапка. Тој е дел од пакетот законски измени со кои треба да се олесни изградбата на автопатите од Коридорот 8 и Коридорот 10, проекти вредни 1,3 милијарди евра што ќе ги гради „Бехтел и Енка“.

    Потребен е само имотен лист кој докажува дека земјиштето е во сопственост на лицето на кое му се експроприра имотот, но и доказ дека претходно тоа лице има поднесено барање за легализација на дивоизградениот објект.

    Експроприраниот имот или дадениот простор под закуп сопственикот треба во рок од 30 дена да го испразни од луѓе и ствари. Во сите случаи државата ќе присвојува, односно ќе купува, по пазарни цени утврдени од овластен проценувач, согласно Законот за процена.

    Исто ќе биде и со земањето под закуп на земјиште за потребите при изградбата на делниците, кое по раскинувањето на договорот за закуп, т.е. по изградбата на автопатите, на сопствениците би им се вратило. Кириите тие нема да може да ги пумпаат, ќе бидат најмногу во висина на реалната цена за земјиште под закуп во даденото подрачје.

    Измените, кои ги поднесуваат пратениците од ДУИ, се за реализација на проект од стратешко национално значење на  Македонија, како што нагласено е во предлогот.

    Според измените, државата преку надлежните јавни претпријатија, министерства, институции, треба прво со предлогот за експропријација да поднесе доказ за обезбедени пари за надомест на експроприраната недвижност. За експропријација државата процени дека ќе бидат потребни 300 милиони евра од Буџетот.

    Новината со измените е што за изградба на објекти односно инфраструктура од стратешки интерес, а за реализација на проект за капитални инвестиции од стратешко национално значење на Македонија, на стратешкиот партнер ќе му се даде во владение експроприраниот имот веднаш штом одлуката за експропријација стане конечна, без потреба таа да стане правосилна.

    Во итна постапка, за градбите на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово-Гостивар-Букојчани и Проектот за автопатот Требеништа-Струга- Ќафасан) и Коридорот 10 (делница на автопатот Прилеп-Битола), се менува и Законот за земјоделско земјиште.

    Се додава член 49-г кој вели дека во овој случај од стратешки интерес за Македонија не се применуваат одредбите од член 49, 49-а и 49-б на овој закон, кои остануваат сепак да важат за други случаи.

    Според член 49-г, пренамената на земјоделско во градежно земјиште ќе се смета дека е завршена врз основа на овој член и погодна за запис во Катастарот на недвижности, без потреба инвеститорот на објектите од стратешки интерес да спроведе дополнителни постапки или да добие согласност од други органи.

    Измените, пак, на Законот за минерални суровини, се за периодот на концесија на инвеститорот „Бехтел и Енка“ што ќе ги гради автопатиштата да му се продолжи од три, на 6 месеци, со можност за дополнително продолжување на рокот. Концесијата за детални геолошки истражувања може да се издаде директно на инвеститорот, во рок од само 14 дена.

    Интересно е што опозицијата нема никакви забелешки за предложените измени на групата закони потребни за брза изградба на стратешките делници, освен за Законот за заштита на културното наследство. Нема забелешки за измените на Законите за урбанистичко планирање, за шуми, за работни односи, ни за градење.

    Платформата на граѓански организации за борба против корупција вчера побара од претседателот на Собранието Талат Џафери да го повлече дневниот ред на седницата број 112, затоа што „ниту на пратениците, ниту на граѓаните ниту на стручната јавност им е оставено доволно време за да проценат во колкав обем се зголемуваат ризиците од корупција со предложените измени, кои имаат потенцијал делумно да ги ограничат заштитните механизми поврзани со остварување на човековите права, заштитата на животната средина и финансиските последици од даночните и други фискални ослободувања кои се предлагаат“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира