ДРЖАВАТА ИМА ВРАБОТЕНО ПОМЛАД РЕФЕРЕНТ ЗА ЕЛЕКТРОНСКА ЕВИДЕНЦИЈА НА РАБОТНО ВРЕМЕ И СОРАБОТНИК ЗА ЈАРБОЛИ И ЗНАМИЊА

    ДРЖАВАТА ИМА ВРАБОТЕНО ПОМЛАД РЕФЕРЕНТ ЗА ЕЛЕКТРОНСКА ЕВИДЕНЦИЈА НА РАБОТНО ВРЕМЕ И СОРАБОТНИК ЗА ЈАРБОЛИ И ЗНАМИЊАСамо во АЕК има измислено 33 позиции за работно место референт, а во едно јавно претпријатие дури и возачите се поделени на возач на ФАП и возач на ТАМ - работник се вози во камион по собирање на знамиња од бандерите во Скопје - (Фото: О. Теофиловски)

    Вкупно 1.334 позиции во јавната администрација се предвидени за звањата референт и соработник, работни места на кои се вработени и по неколку луѓе. Од Министерството за информатичко општество и администрација велат дека Каталогот на работни места во јавниот сектор, исто како и Регистарот на вработени се само дел од алатките што претходната власт ги користела за манипулација со граѓаните, за бројот на вработени, за потребата од сите институциите што постојат, како и со работните места.

    Во Каталогот на работни места во јавниот сектор, кој се наоѓа на веб страната на Министерството за информатичко општество и администрација, наведени се сите работни места во државната администрација, потребното ниво на образование за одредената позиција, колку години работно искуство треба да има кандидатот и степенот на познавање на англиски јазик.

    Имињата на работните места се инвентивни до таму, што во едно претпријатие има на пример два вида работни позиции за возачи – возач на ТАМ и возач на ФАП.

    Како референт, помлад референт, самостоен референт и виш референт, во јавниот сектор има 621 позиција. На тие места во различни институции и претпријатија работат по неколку луѓе, што значи дека бројот на административни референти е многу поголем.

    Во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) има 33 позиции за работно место референт. АЕК има самостоен референт за управување со броеви, виш референт-ликвидатор, виш референт-благајник, виш референт за персонална евиденција, виш референт архивар, помлад референт писар.

    Во образовните интитуции има самостоен референт дактилограф, самостоен референт библиотекар, самостоен референт за исхрана, самостоен референт за сместување.

    Во јавните претпријатија од областа на јавното информирање има самостоен референт за возен парк, самостоен референт за внесување и евиденција на мали огласи, како и референт набирач на текстови и огласи.

    Во јавните претпријатија за комунални дејности постои главен референт за меѓународна комуникација, самостоен референт на смена, самостоен референт за возен парк, самостоен референт за плата и координација, виш референт за контрола и експлоатација на возила, референт за заштита при работа како и помлад референт за електронска евиденција на работно време.

    Во јавната администрација има шест вида соработници и тоа соработник, виш соработник, одговорен соработник, помлад соработник, самостоен соработник и стручен соработник. За овие работни места има 713 работни позиции во јавниот сектор. Па има виш соработник за меѓународни односи, виш соработник за сместување, виш соработник за исхрана, виш соработник за забавно-културен живот во дом, соработник библиотекар, соработник за прием и обработка на огласи, стручен соработник на директор.

    Во јавните комунални претпријатија постои работна позиција одговорен соработник за паркови и зеленило, виш соработник за односи со граѓаните, виш соработник за следење на договори, помлад соработник за пресметка на плати, како и соработник за јарболи и знамиња.

    Педесетина позиции има и за координатори, како што се координатор на дирекција, советник координатор, координатор на кабинет, самостоен координатор на спортски приредби и манифестации, координатор на достава-курир, координатор за наплата на патарина.

    Од Министерството за информатичко општество и администрација најавуваат комплетна анализа на сите работни места во институциите.

    „Проблемот со податоците во Каталогот, потекнува од фактот што во изминатиот период нередовно се ажурирале податоци за работните места и нередовно се внесувале систематизациите. Овој проблем се рефлектира и во Регистарот на вработени во јавниот сектор. Проблемот ќе го надминеме со спроведување на функционалната анализа на јавната администрација, која што во прва фаза ќе се однесува на детална анализа на институциите, а индиректно ќе се рефлектира и на систематизацијата на работните места во Каталогот на работни места во јавниот сектор“, велат од кабинетот на министерот Дамјан Манчевски.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира