ДРЖАВНАТА МАТУРА ЌЕ СЕ СПРОВЕДЕ, ПОМЕСТУВАЊЕТО ЌЕ НАПРАВИ ПРОБЛЕМ ПРИ УПИС НА ФАКУЛТЕТ, ВЕЛИ ЦАРОВСКА

    ДРЖАВНАТА МАТУРА ЌЕ СЕ СПРОВЕДЕ, ПОМЕСТУВАЊЕТО ЌЕ НАПРАВИ ПРОБЛЕМ ПРИ УПИС НА ФАКУЛТЕТ, ВЕЛИ ЦАРОВСКАПовеќе од 14.000 матуранти ја пријавиле матурата, што всушност е бројката матуранти отприлика коишто ги имаме годинава, вели Царовска. (Фото: МОН)

    Министерката за образование и наука Мила Царовска вели дека државната матура ќе се спроведе, дека матурантите имаат право да го изразат незадоволството, но бојкотот е неоправдан. Со поддршка на Сојузот на средношколци, денес матурани во неколку училишта не се вклучија во онлајн наставата.

    Филип Трајковски, матурант и претседател на ученичкиот парламент во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово, вели дека од утре ќе им се придружат и матурантите од економското училиште „Перо Наков“, а во контакт се и со другите училишта од кои очекуваат поддршка.

    „Бараме да се скратат предметите за полагање од четири на два. Да се полага мајчин јазик и уште еден предмет којшто ќе ни треба за упис на факултет. Немаме ние ништо против професорите, единствено гледаме дека образовниот систем пропаѓа и затоа бараме промени. Бојкотот ќе остане и во наредните денови се додека не оствариме средба со министерката“, вели Трајковски.

    „Над 14 илјади ученици пријавија испити, матурата ќе се спроведе. Тоа е нивно право да го изразат незадоволството, но е важно да се знае дека мнозинството од учениците ја следат наставата. Една скопска гимназија има поорганизирано дејствување, додека во останатите гимназии и средни училишта, станува збор за изолирани мали групи“, изјави Царовска.

    Министерката вели дека матурата ќе се спроведе за што веќе се прават подготовките, а учениците најуредно ги имаат пријавено матурските испити.

    „Повеќе од 14.000 матуранти ја пријавиле матурата, што всушност е бројката на матуранти отприлика коишто ги имаме годинава во земјата. Концептот за полагање на матурата е утврден уште на почетокот на учебната година и тој се спроведува во моментот. Секое поместување ќе ни направи проблем со запишување на учениците во високо образование дома и надвор во земјата. За наредната година 2022 кога ќе полагаат, тогаш нема да има проблем, ќе имаат нова концепција и договоривме да формираме работна група, којашто ќе стартува од понеделник заедно со матурскиот одбор и Државниот испитен центар. Тие се задолжени за таа концепција“, рече министерката по денешната средба со наставниците во Клубот на пратеници.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира