Медицинскиот тим кој ја направи првата трансплантација на црн дроб во земјава, професорот Африм Османи, уметникот Роберт Јанкулоски и писателот Блаже Миневски се годинашни добитници на државната награда „23 Октомври“, соопшти Министерството за култура.
Наградата се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Македонија.
Во тимот за трансплантација, наградени се: проф. д-р Зоран Караџов, проф. д-р Светозар Антовиќ, доц. д-р Бети Тодоровска, прим. д-р Татјана Спировска и проф. д-р Маја Мојсова-Мијовска, која е национална координаторка за трансплантација.
Првата трансплантација на црн дроб се случи лани на 24 ноември, кога семејството на жена кај која беше дијагностицирана и потврдена мозочна смрт даде согласност да се донираат органите и приотоа да се спасат неколку животи. Покрај црн дроб се трансплантираа и два бубрега.
„Морам да признаам дека не беше лесно да се дојде до ова. Работевме многу, вложивме многу и еве успеавме сите заедно да отвориме едно ново поглавје не само во полето на дигестивната хирургија туку и во македонското здравство. Горд сум на мојот тим лекари и медицински сестри како и на соработката која ја имавме со останатите тимови вклучени во трансплантацијата, на соработката со националната координаторка за трансплантација и со Министерството за здравство“, рече д-р Караџов на 13 декември.
Наградата ќе им биде врачена на добитниците на 23 октомври (понеделник) во 12 часот во Собранието.
Б. НЕСТОРОСКА