Нееднаквата положба меѓу домашните и странските компании во Македонија создава нелојална конкуренција на пазарот на труд и им прави штета на фондовите за пензиско, здравствено и инвалидско осигурување, кои губат осигуреници кои плаќаат придонеси, а добиваат осигуреници за кои никој не плаќа придонеси, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи (ОРМ).
На собирот во Штип организиран од ОРМ на кој присуствуваа претставници на Трговско-текстилниот кластер беше упатен апел поради недостигот од квалификувана работна сила во домашната индустрија. Домашните текстилни фабрики преку ноќ остануваат без квалификуван кадар во који е вложувано со години затоа што заминуваат во странските компании кои добиваат субвенции од државата.
“Државните субвенции во вид на ослободување од данок и придонеси што ги добиваат странските фабрики во технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) им овозможуваат да исплаќаат малку повисоки плати и на тој начин да ги привлечат квалификуваните работници од домашните фабрики кои не можат да користат вакви субвенции од државата со кои би се намалиле нивните трошоци. На ваков начин домашните фирми преку ноќ се празнат од квалитетен кадар во кого со години било вложувано„ изјави Димитров.