Владиното авионче со кое претседателката Гордана Сиљановска-Давкова требаше да лета за Париз на отварањето на реновираната катедрала Нотр Дам, се расипало на 3 декември. Со него патувал претседателот на Собранието Африм Гаши во Стокхолм, Шведска. За време на подготовката на авионот за лет кон Скопје и редовните активности и проверки на аеродромот во Стокхолм утврдена е неисправност на едниот од двата инструменти кои покажуваат температура на издувните гасови од моторите.
„Според прописите на производителот ,неисправноста на еден таков инструмент не дозволува летачка операција ниту стартување на моторите се до негова замена. Нов инструмент стигна на 4 декември и веднаш по неговата замена и проверка, авионот е вратен во Скопје. Се прават додатни анализи и испитувања за со сигурност да можеме воздухопловот да го пуштиме во погон. Секогаш кога воздухопловот бил во погон бил целосно исправен и безбеден“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата Ивица Томовски.
Владиниот „лирџет 60“ често има дефекти. Произведен е во 2004 во Вичита, Канзас, во фабриката на „Бомбардиер аероспејс“ и и е во сообраќај од јануари 2005 година. Kупен e во време на Владата на Владимир Бучковски. Според перформансите тој е бизнис авион со долет на средни линии, односно од Скопје и Охрид може да лета низ Европа и до Блискиот исток, но не и на прекуокеански летови.
Томовски вели дека за него веќе не се произведуваат делови односно, за поправки се користат репарирани делови. Тој смета дека како држава треба да набавиме нов владин авион.
„Од 2017 до сега сме потрошиле околу 3,5 милиони евра за поправки. Сметам дека треба да се купи нов авион и за тоа сум спремен да дискутираме во Собранието и да има консензус од сите политички партии. Сум разговарал со поранешните директори на Службата и сите сметаат дека ваква набавка е неопходна. Авионот покрај тоа што е стар, е и мал. Има место само за шест патници, што значи дека често не ја собира ни цела делегација, па придружбата на високите државници мора да оди со комерцијални летови, што е ем неефикасно, ем често пати и поскапо. Нам ни треба бизнис авион кој има најмалку 15 седишта“, вели Томовски.
А. АНТЕВСКА