ДРЖАВНИОТ ИСПИТЕН ЦЕНТАР ГО СТАВИ ШТРАЈКОТ ВО МИРУВАЊЕ, МАТУРА ЌЕ СЕ ПОЛАГА НА 27 МАЈ И НА 10 ЈУНИ

    ДРЖАВНИОТ ИСПИТЕН ЦЕНТАР ГО СТАВИ ШТРАЈКОТ ВО МИРУВАЊЕ, МАТУРА ЌЕ СЕ ПОЛАГА НА 27 МАЈ И НА 10 ЈУНИМинистерот денес кажа дека државна матура ќе се реализира на 27 мај и мора да се реализира, како што е предвидено. (Фото: К. Попов)

    Синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) преку соопштение објави дека го става штрајкот во мирување, поради кој беше неизвесно полагањето на државаната матура во предвидените рокови на 27 мај и 10 јуни, соопшти МИА.

    Од штрајкот се засегнати 15.620 матуранти кои се пријавени за 27 мај и на 10 јуни да ги полагаат двата екстерни испита, Исто така, стопирано беше и меѓународното тестирање ТИМСС, со кое се мерат постигнувањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија). Тестирањето почна на 3 април и опфаќа околу 4.900 ученици во 150 основни училишта.

    Министерот за образование и наука Јетон Шаќири утрово кажа дека ги поддржува барањата на ДИЦ, но негов конечен став е дека државна матура ќе се реализира на 27 мај и мора да се реализира, како што е предвидено според рокот. Тој најави дека ќе донесе кадар од Министерството за образование и наука (МОН) за да се реализира полагањето.

    „Насилните мерки и притисоци на министерот Шаќири со обид да внесе надворешни лица во процесот на државната матура – процес кој е со висок степен на тајност, ќе ја доведе во прашање валидноста на тестирањето и резултатите од матурата. Вработените во Државниот испитен центар, како експерти во областа и лица со висок интегритет и чувство за општествена одговорност, одлучија да ја одложат борбата за своите права за достоинствен живот во корист на вашата иднина. Со ова известување штрајкот се става во мирување“, наведува ДИЦ во пораката до матураните.

    Во пораката до министерот за образование и наука Јетон Шаќири, пак, подвлекуваат дека сите негови досегашни обиди за решенија на проблемот, а со тоа и ветувањата кои им ги дале на матурантите во медиумите се спротивни на одредбите на Правилникот за процедури за тајноста на подготовката, печатењето, дистрибуцијата, чувањето и оценувањето на испитниот материјал, донесен од министер за образование и наука од 31.3.2014 година.

    „Со вашиот обид да реализирате матура без вклученост на вработените на ДИЦ, Вие ќе бевте тој што ќе ги оштетеше матурантите!“, му вели Синдикатот на Државниот испитен центар на министерот Шаќири.

    Синдикатот на ДИЦ го почна штрајкот на 25 април со барања за поголеми плати за 29-те вработени и согласност за нивниот колективен договор. Синдикатот ги стопираше сите процеси за кои е надлежен ДИЦ, меѓу кои и полагањето на државната матура која треба да почне на 27 мај.

    Синдикатот и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера не се договориле во врска со нивните барања за покачувања на платите.

    Ако не се одржи државната матура, вели Сојузот на средношколци, ќе се создадат огромни проблеми за оваа генерација матуранти кои планираат да студираат во високото образование. Можното неодржување на државната матура најмногу ќе им наштети на матурантите кои планираат да студираат во странство, а според анализите, овој број изнесува 12 отсто од секоја една генерација.

    „Вчера имал состанок Управниот одбор на ДИЦ, и според информациите кои ги добивам, се прават сите подготовки за да се полага на 27 мај. Ако е потребно и кадар на вработени од Министерството за образование и наука (МОБ), ќе доставиме од понеделник, за да може да ги завршиме работните задачи. Ги поддржувам барањата, знаеме дека се работи за мал број вработени, но причина е дека се чека системското решение за Општ колективен договор и после тоа може да се вклучуваат во дискусија помеѓу вработените и директорката на ДИЦ за да се постигне максимумот на нивните барања. Исполнувања на барањата од Финасии е покачување на платите, но според сега што може да се даде максимално“, рече Шаќири.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира