Министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе биде претседателски кандидат на ДУИ на претстојните претседателски избори, соопшти лидерот на партијата Али Ахмети. Истовремено, Ахмети кажа дека ДУИ бара уставни измени за во иднина претседателот да се бира во Собранието со двотретинско мнозинство и со Бадентерово мнозинство.
„Бујар да ја води оваа промена што ја бараме и во нашите програми за 2016 и 2020 година. Бујар се докажа на внатрешна и меѓународна сцена и придонесе во битката против Русија и беше дел од промената на Уставот и почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Со Бујар го започнуваме најважниот референдум на нашето време и следната битка за да ја добиеме вашата доверба за да го избереме претседателот во Собрание со двотретиско мнозинство и со Бадентерово мнозинство, за да ја оствариме нашата визија за консенсуален претседател“, рече Ахмети.
Ахмети во видеообраќањето на социјалните мрежи додаде дека ДУИ нема да биде дел од ниту една влада која нема да го промени Уставот за да се бира претседател во Уставот и да се внесат Бугарите во Уставот.
Првиот круг од претседателските избори е закажан за 24 април, а на 8 мај ќе се одржат вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори.