ДУИ сé уште нема решено дали ќе излезе сосема од Владата или само ќе ги замени досегашните министри и заменици со нови имиња, како што денеска сугерираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски.
Артан Груби, советник на лидерот на ДУИ Али Ахмети за политички прашања попладнево реагираше на изјавата на Груевски дека долгогодишниот партнер на ВМРО-ДПМНЕ на ја напушта владата туку само ќе изврши замена на кадрите.
„Одлуката за следните чекори на Демократската унија за интеграција по повлекувањето на нашите министри и заменици министри е екслузивно само во рацете на Претседателот Али Ахмети“, изјави Артан Груби. Тој вели дека „и според Статутот на партијата но и одлуката на Претседателството, одлуката е само негова и на никој друг.„
Денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски изјави: „Она што јас го имам разбрано ДУИ ја нема напуштено владата туку ќе изврши замена на своите кадри.“
Груби потврди дека во понеделник на дневен ред на првата собраниска седница ќе се најдат оставките на нивните фунционери. Се очекува собранискиот спикер Трајко Вељаноски веднаш, без одлагање да ги констатира, при што оставките на именуваните функционери од страна на собранието, според деловникот се усовојуваат без дискусија.