Две лица од Демир Капија се осомничени дека грабнале лице и го присилиле да даде изјава дека ја силувал сопругата на првоосомничениот, соопшти Обвинителството. Двајцата осомничени од село Корешница, на 12 април, заедно грабнале лице со намера да го присилат да сними изјава со признание дека ја силувал сопругата на првоосомничениот 37-годишник. Неговиот соизвршител, 30-годишник од истото село, при грабнувањето употребил и пиштол, кој го репетирал и со кој му се заканил на оштетениот.
„Тие го качиле оштетениот во автомобил од дворот на неговата куќа во Неготино и се упатиле по стариот пат кон Демир Капија, а за цело време му се заканувале по живот и го удирале со боксови. Го фрлиле мобилниот телефон на оштетениот и му ставиле црни ќеси на главата за да не гледа каде го носат. Кога стигнале во шума, го извадиле од возилото и го терале да слуша аудиоснимки и да признае дека тој е сниманото лице, но оштетениот за цело време негирал. Поради тоа, двајцата осомничени му се заканувале дека ќе го силуваат и ќе го убијат, па го удирале со боксови и со пластична цевка, нанесувајќи му тешки телесни повреди“, велат од Обвинителството.
Пред да му го фрлат мобилниот телефон, оштетениот успал да прати порака за помош во полиција, а и соседите го виделе како влегува во возилото. Врз основа на овие информации, полицијата ги идентификувала грабнувачите и ги контактирала, а тие дознавајќи дека се откриени го однеле оштетениот во полициската станица во Неготино.
„Бидејќи станува збор за тешко кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку 4 години, јавниот обвинител процени дека постои основан страв дека осомничените ќе се дадат во бегство или ќе извршат ново кривично дело доколку се бранат од слобода, па до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор“, додаваат од Обвинителство.



