ДВАЈЦА КАМЕРУНЦИ УАПСЕНИ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ СО ОПРЕМА ЗА ФАЛСИФИКУВАЊЕ ПАРИ, ВО МАКЕДОНИЈА САКАЛЕ ДА ПЕЧАТАТ НАД 900.000 ЕВРА

    ДВАЈЦА КАМЕРУНЦИ УАПСЕНИ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ СО ОПРЕМА ЗА ФАЛСИФИКУВАЊЕ ПАРИ, ВО МАКЕДОНИЈА САКАЛЕ ДА ПЕЧАТАТ НАД 900.000 ЕВРАДвајцата Камерунци допатувале во Македонија од Милано (Фото: Скопски аеродром)

    Двајца државјани на Камерун се уапсени вчера на Скопскиот аеродром, откако кај нив биле пронајдени речиси еден милион фалсификувани евра, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Т. Р. Ф. (36) и М. Б. С. (40) се уапсени при влез во државата под сомнение дека ги извршиле кривичните дела правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување.

    Како што соопшти МВР, двајцата Камерунци допатувале во Македонија од Милано. Откако им бил прегледан багажот при дополнителната гранична контрола, кај нив биле пронајдени илјадници исечени парчиња хартија, на кои од двете страни бил отпечатен дел од дизајнот на банкнотите од 50, 100, 200 и 500 евра.

    Покрај тоа, пронајдени се и две шишиња со течност, УВ-ламба, француска лична карта на име К. В. С. и камерунска патна исправа на име С. И. Ф., за кои нема податоци дека се вистинити.

    „Пронајдените предмети се одземени и предадени на вештачење во Народна банка и Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР, при што било утврдено дека примероците се имитации на евробанкноти со различна апоенска вредност, изработени со користење на професионална опрема“, соопшти МВР.

    Експертизата на Народна банка утврдила дека станува збор за примероци од раната фаза на изработка на фалсификувани евра со апоенска вредност од 50, 100, 200 и 500 евра. Со нив, тие во Македонија сакале да печатат лажни пари со вкупна вредност од 902.150 евра. МВР поднесе кривична пријава против двете лица за правење, набавување или оттуѓување средства за фалсификување.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира