ДВАЈЦА МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ СЕ ВО 48-ЧАСОВЕН ПРИТВОР ВО ВРСКА СО ПЕТТЕ ТОНИ МАРИХУАНА ФАТЕНИ ВО СРБИЈА, ДРОГАТА СЕПАК ВЛЕГЛА ОД МАКЕДОНИЈА

    ДВАЈЦА МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ СЕ ВО 48-ЧАСОВЕН ПРИТВОР ВО ВРСКА СО ПЕТТЕ ТОНИ МАРИХУАНА ФАТЕНИ ВО СРБИЈА, ДРОГАТА СЕПАК ВЛЕГЛА ОД МАКЕДОНИЈАОбвинителството истражува кои лица од Македонија ги пуштале камионите со марихуана да ја минат границата кон Србија. (Фото: СДК.МК)

    Двајца македонски државјани од вчера се во притвор во врска со запленетите пет тони марихуана во Србија на 29 јануари во регионот на селото Коњух кај Крушевац. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) се сомнева дека тие две лица преземале активности во Македонија во врска со запленетите 5 тони марихуана во Србија.

    Апсењето на македонските државјани следи откако на 5 февруари премиерот Христијан Мицкоски ги прекори новинарите дека се сомневаат оти марихуаната фатена во Србија е од Македонија и дека македонски службеници ја пуштиле преку граница, и што повеќе ѝ се верува на истрагата во Србија, отколку во Македонија.

    Вредноста на марихуаната се проценува на седум до десет милиони евра.

    „Како резултат на преземените дејствија и анализата на прибраните информации и докази, постојат основи на сомнение дека лицата А. И. и Д. С. преземале активности поврзани со запленетите 5 тони марихуана во Република Србија, поради што јавниот обвинител достави образложен предлог за определување краткотраен притвор“, рекоа од Обвинителството.

    Барањето за определување на краткотрајниот притвор, велат оттаму, е со цел обезбедување на лицата и овозможување на доволно време на јавниот обвинител за преземање на неопходните процесни дејствија и донесување соодветна одлука за понатамошно постапување.

    „Во вакви случаи, особено кога се работи за предмети со поголема сложеност, како и предмети со меѓународен карактер, временските рокови често се ограничени, што ја оправдува примената на оваа мерка. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува со интензивно постапување во предметот и јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот тек, согласно законските можности“, кажа Обвинителството.

    Засега нема конкретни резултати за имињата на службениците кои ги пуштале камионите, но се истражува.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира