Постапка против вкупно 10 лица за кои постои основано сомнение дека учествувале во криумчарење, фалсификување исправи и службени исправи, како и прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, ќе покрене скопското обвинителството, по спроведена претходна постапка и врз основа на обезбедените докази. Меѓу осомничените се две службени лица вработени во управни служби за регистрација на возилата, соопшти Обвинителството.
„Лицата во текот на 2021 и 2022, со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола. Возилата тука ги регистрирале и еден дел по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници. Еден од осомничените е државјанин на Република Грција и за него, со оглед на претходно воспоставената соработка меѓу Основното јавно обвинителство Скопје и грчките органи, кривичниот прогон ќе биде отстапен на Република Грција“, вели Обвинителството.