ДВАЈЦА ВЕЌЕ СЕ ОСУДЕНИ ЗА ШВЕРЦОТ НА 5 ТОНА МАРИХУАНА ВО СРБИЈА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА ПРОШИРИ ИСТРАГАТА ЗА УШТЕ СЕДУМ ЛИЦА

    ДВАЈЦА ВЕЌЕ СЕ ОСУДЕНИ ЗА ШВЕРЦОТ НА 5 ТОНА МАРИХУАНА ВО СРБИЈА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЈА ПРОШИРИ ИСТРАГАТА ЗА УШТЕ СЕДУМ ЛИЦАПет тони марихуана беа запленети во Србија на 29 јануари во регионот на селото Коњух кај Крушевац, со вредност проценета на седум до десет милиони евра. (Фото: МВР на Србија)

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе нова наредба за спроведување истражна постапка против уште седум лица, откако обезбедените докази и меѓународната соработка со српските органи покажаа поширока мрежа инволвирана во шверцот на марихуана од Македонија во Србија, соопштија од обвинителството. Новоосомничените се товарат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори во рамки на организирана криминална група.

    Според истрагата што започна во февруари, од 2025 година до крајот на јануари 2026 година, група составена од шестмина осомничени во Србија, шестмина од првичната македонска истрага, седуммината новоосомничени и други засега непознати лица организирале набавка, пренесување и продажба на наркотична дрога. Како параван за криминалните активности било користено правно лице од Скопје кое поседува лиценца за одгледување канабис за медицински цели и дозвола за производство на екстракти. Сопствениците на фирмата, од кои едниот е управител, го организирале преносот на дрогата преку граница.

    Наркотичната дрога била транспортирана најмалку пет пати со камиони, прикриена со царински декларации за текстил, прехранбени производи, перници и јоргани. Осомничените ги отстранувале царинските пломби од претходно проверените возила, ваделе дел од стоката и на нејзино место ставале кутии со марихуана со приближно иста тежина. Товарните возила кон граничниот премин Табановце биле следени од членови на групата со патнички автомобили. По влезот во Србија, пратките биле складирани во магацин во месноста Коњух кај Крушевац, каде марихуаната се препакувала и се дистрибуирала за продажба на територијата на Белград и во други држави.

    Српското Јавно обвинителство за организиран криминал на 21 јули поднесе обвинителен акт против шест члена на групата, при што двајца од сопствениците на скопската фирма се посочени како лица кои ги давале насоките и го координирале приемот на дрогата во магацинот во Коњух, каде што беа пронајдени 5 тона марихуана.

    Во постапката пред македонските органи, Основниот кривичен суд Скопје на 10 август донесе две пресуди по склучени спогодби со обвинителството, со кои двајца од осомничените признаа вина и добија затворски казни од три години и шест месеци, односно три години и осум месеци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира