ДВЕ ДЕВОЈКИ НА 23 И 24 ГОДИНИ ПОЧИНАА ОД КОВИД-19, ЕДНАТА БЕЗ ХРОНИЧНИ БОЛЕСТИ

    ДВЕ ДЕВОЈКИ НА 23 И 24 ГОДИНИ ПОЧИНАА ОД КОВИД-19, ЕДНАТА БЕЗ ХРОНИЧНИ БОЛЕСТИДосега во земјава по компликации од ковид-19 починаа 3.545 лица. (Фото: СДК.МК)

    Две девојки на 23 и 24 годишна возраст починаа во последните 24 часа по компликации од ковид-19. Во изминатото деноноќие, според најновиот извештај од Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство починаа 17 пациенти на возраст од 23 до 90 години.

    Едната девојка имала хронично заболување, велат од Министерството за САКАМДАКАЖАМ.МК. За другата, од Министерството ни рекоа дека била позитивна на ковид-19 и една недела се лекувала во домашни услови со антибиотик, по препорака на матичен лекар.

    „Поради проблеми со дишењето, пациентката се јавила во болница и е хоспитализирана во еден од Ковид-центрите од Интернистичкиот клинички блок. Поради влошување на состојбата, пациентката во многу тешка состојба е префрлена на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде е продолжено со интензивно лекување. Пациентката не одговарала позитивно на терапијата и за цело време ѝ се влошувала состојбата“, ни одговорија од Министерството.

    Досега во земјава по компликации од ковид-19 починаа 3.545 лица.

    Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), за податоци обработени до 4 март, и заведени 3.503 смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 733,7/100.000 жители. Регистрирани се 2.185 смртни случаи кај лица од машки и 1.318 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 2.974 (84,9% од лицата за кои има податок) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (1.962), дијабет (878) и белодробна болест (390). Регистрирани се 3 смртни случаи кај бремени жени и 27 смртни случаи кај здравствени работници . Од пријавените случаи 188 (5,4%) починале во вонболнички услови, а 3.315 (94,6%) починале за време на хоспитализација.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира