ДВЕ ДИРЕКТОРКИ ОСУДЕНИ НА УСЛОВНИ КАЗНИ ЗАТВОР ЗА ЛАЖНИ СЕРТИФИКАТИ ОД БУГАРСКАТА ФИРМА ОД КОЈА И ДИРЕКТОРОТ НА АНБ ХРИСТОВСКИ ЗЕЛ СЕРТИФИКАТ ЗА АНГЛИСКИ

    ДВЕ ДИРЕКТОРКИ ОСУДЕНИ НА УСЛОВНИ КАЗНИ ЗАТВОР ЗА ЛАЖНИ СЕРТИФИКАТИ ОД БУГАРСКАТА ФИРМА ОД КОЈА И ДИРЕКТОРОТ НА АНБ ХРИСТОВСКИ ЗЕЛ СЕРТИФИКАТ ЗА АНГЛИСКИСертификатите на осудените директорки се од ноември и декември 2022 година. Сертификатот на директорот на АНБ Христовски од март 2022. (Фото: СДК.МК)

    Две директорки на јавни установи на 9 октомври се осудени на условни казни затвор бидејќи кога конкурирале за функцијата како доказ за познавање на англиски јазик приложиле ТОЕФЛ-сертификат издаден од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“ од Пловдив, Бугарија, објави порталот „360 СТЕПЕНИ“ цитирајќи ги пресудите. И двете признале вина за што добиле условни затворски казни од две години кои би се реализирале ако во наредните 4 години сторат ново кривично дело. Наведеното бугарско школо е истото правно лице од каде што потекнува и ТОЕФЛ-сертификатот на новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.

    Изминатиот викед и бугарски новинари на ФАКТОР.БГ открија дека не постои на локацијата на школото и не се занимава со издавање на ТОЕФЛ сертификати. Од вчера не постои ни фејсбук страницата „Јулија ЦО ЛТД“, која сега е избришана.

    Двете директорки, едната на основно школо во скопско Драчево, а другата на Општа болница Дебар, признале вина кога обвинението стигнало на суд, па на рочиштето не се изведувани докази за тоа како стигнале до сертификатите. На обвинението му претходеле кривични пријави од МВР поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Употреба на исправа со невистинита содржина, поднесени на 14 февруари, во периодот кога со овој ресор раководи Панче Тошковски како технички министер.

    Сертификатите на осудените директорки се од ноември и декември 2022 година. Сертификатот на директорот на АНБ Христовски од март 2022.

    Бојан Христовски беше именуван за директор на АНБ на владината седница на 16 октомври годинава, откако претходно беше разрешен директорот Зарко Милошевски. Два дена подоцна, во Билтенот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, беше објавен извештај од рецензентската комисија откако тој конкурира на Конкурсот за избор на асистент на Факултетот за безбедност во Скопје.

    Во приложената биографија, меѓу другото, пишува:„Има приложено уверение за познавање на англиски јазик TOEFL iBT со 75 бода од 26.03.2022 година, Language Shool Julia CO.LTD, Пловдив Бугарија и уверение за активно познавање на програмата за канцелариско работење.“

    Христовски на функцијата стапи како вработен во Министерството за внатрешни работи (МВР). Од таму пред две години дојде на директорското место во ЈП „Градски паркинг“ во Скопје. По кавгата меѓу градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, Христовски како и останатите директорски кадри на партијата си поднесе оставка и повторно се врати на работното место во МВР. Христовски во минатото беше претседател на градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје.

    Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отвори предмет за именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност, откако до институцијата пристигнала анонимна претставка во која пишувало дека тој наводно не ги исполнува условите за да биде директор. Оттаму дополнително велат дека ќе се разгледува и овој спорен дел кој се однесува на исполнување на условот поседување на сертифкат ТОЕФЛ.

    „Наводите се однесуваат на неисполнување на услови за именување на директор. Конкретно во делот на образование, стекнување со безбедносен сертификат, како и припадност на политичка партија. Тоа се наводите во оваа анонимна пријава. Предметот е распределен кај член. Ќе се отпочне со обезбедување на потребна документација до АНБ и Владата како орган кој го именува. По рокот за достава на овие податоци од 15 дена, и по обезбедување на документација и утврдување на фактичката состојба ќе донесеме одлука на јавна седница, изјави претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска.

    На 27 октомври, на прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски кажа дека е длабоко уверен оти директорот на АНБ Христовски има оригинален документ дека положил тест ТОЕФЛ за англиски јазик и смета дека е чесен човек кој ја сака и работи за татковината. На новинарско прашање дали ќе побара одговорност од Христовски, рече дека согласно закон сите услови се исполнети за неговото именување.

    „Доколку тоа го констатира соодветна институција, а не опозициската СДСМ и исплашените поранешни разузнавачи кои би рекол овие агенции за национална безбедност ги претворија во тврдини во борба против опозицијата во времето кога ние бевме опозиција, тогаш да. Секако дека нема да биде притисокот кој доаѓа од овие кодошко-удбашки инсталации во редовите на СДСМ, за нас креативни, како и во редовите на ДУИ, креативни соговорници кои треба да нѐ натераат да работиме под притисок. Напротив, тоа повеќе ме мотивира кога овие кодошко-удбашки струкури напаѓаат чесни луѓе кои си ја сакаат и работат за својата татковина“, рече Мицкоски.

    На забелешката на новинарите дека веста ја објавија бугарските медиуми и на повтореното прашање дали разговарал со Христовски, Мицкоски кажа дека тврди оти согласно закон сите услови се исполнети.

    „Единствен кој треба да констатира дали тие услови се исполнети е Антикорупциската комисија. Ги повикувам да го истражи брзо. На брза трака да го стави овој случај. Апсолутно ви кажувам јас сум уверен, зарем ќе дозволиме такво нешто да се случи. Тој во 2020 е издаден, дали во меѓувреме постоела или не постоела таа агенција тоа е сосема друго прашање“, рече премиерот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира